Достапни линкови

Антивладин марш низ улиците на Скопје


Учесниците на протестот бараат оставка од Владата и формирање преодна влада која ќе обезбеди фер и демократски избори.

Неколку стотици граѓани, активисти и членови на опозициските партии попладнево маршираа низ центарот на Скопје барајќи оставка на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и на премиерот Никола Груевски. Демонстрантите, покрај македонското, носеа и албанско, американско и турско знаме.

Оваа рута води кон некои министерства кои не се познати по многу транспарентност, така што е многу логично. Од овде тргнавме, поминавме покрај нив и се вративме овде (пред Владата) да повториме уште еднаш: оставка! Нема правда во Македонија без оставка на Груевски.
Владимир Милчин, директор на Фондацијата Отворено општество Македонија.

Извикувајќи „Оставка, оставка“, „Николче диктаторче“, „Вратете ги парите „Нема правда, нема мир“, тие тргнаа од, како што го нарекува опозицијата, Кампот на слободата пред Владата, маршираа низ булеварот „Илинденска“ и улиците „Рузвелтова“ и „Орце Николов“, од каде повторно се вратија пред Владата.

„Оваа рута води кон некои министерства кои не се познати по многу транспарентност, така што е многу логично. Од овде тргнавме, поминавме покрај нив и се вративме овде (пред Владата) да повториме уште еднаш: оставка! Нема правда во Македонија без оставка на Груевски“, изјави директорот на Фондацијата Отворено општество Македонија, професор Владимир Милчин, кој беше меѓу оние кои го предводеа протестот.

Милчин додаде дека преку протестот изразуваат незадоволство, бидејќи, како што рече, „Европската унија и понатаму ги влече нозете, наместо да изврши притисок и Македонија да се ослободи од ова малтретирање.“

Учесниците во протестот изјавија дека ова е борба за враќање на општеството и државата во рацете на граѓаните на Македонија и затоа бараат оставка од Владата и формирање преодна влада која ќе обезбеди фер и демократски избори.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG