Достапни линкови

Пренџова добитничка на наградата „Даница Ручигај“


Елена Пренџова, поетеса.
Елена Пренџова, поетеса.

Елена Пренџова е добитничка на наградата „Даница Ручигај“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија за најдобра стихозбирка од авторка, членка на македонската писателска асоцијација. Наградата ѝ е доделена за нејзината книга „Политички коректна поезија“, објавена од „Матица македонска“, а Пренџова викендов со 15-тина млади албански творци настапи на „Протест фест – поетри тест слем“ во Тирана.

По прогласувањето за „Најдобар поет“ на првите регионални средби во Брчко, Босна и Херцеговина и големото признание „Македонска книжевна авангарда“, Елена Пренџова стана и првата добитничка на нововостановената награда „Даница Ручигај“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија за најдобра стихозбирка од авторка, членка на македонската писателска асоцијација.

Ова е отскочна штица да се признаат и да се реактуелизираат некои македонски поетеси кои што низ историјата не биле заборавени колку што биле замолчени и маргинализирани. Ова покажува дека поезијата и книжевноста воопшто одат во една похумана насока која што ги обединува и им оддава признание на активностите на жената надвор од домот.
Елена Пренџова, поетеса.

Наградата ѝ е доделена за нејзината книга „Политички коректна поезија“, објавена од „Матица македонска“, а во образложението на комисијата поетот и литературен критичар Санде Стојчевски пишува:

„Творечките особености и квалитети во новата поетска книга на Елена Пренџова ја зацврстуваат оваа суптилна и бескомпромисна поетеса во редот на најосведочените лиричарки што ја красат нашата поезија, од кои едно од првите места ѝ припаѓа на незаборавната Даница Ручигај“.

Поетри слемот, како што ни беше презентирано таму, е нешто ново во Албанија и тие навистина беа заинтересирани да видат и да почувствуваат што всушност подразбира тој начин на интерпретација и претставување на поезијата.
Елена Пренџова, поетеса.

Во пресрет на свеченоста по тој повод, Пренџова, пак, знае да каже дека ѝ е посебно драго што со таквата одлука всушност се оддава признание на нејзиниот женски сензибилитет во поезијата. Вели дека да се понесе една награда која го носи името на поетесата Ручигај е голема чест и дека таа ја подразбира како отскочна штица да се признаат и да се реактуелизираат некои македонски поетеси кои што низ историјата не биле заборавени колку што биле замолчени и маргинализирани.

„Ова е отскочна штица да се признаат и да се реактуелизираат некои македонски поетеси кои што низ историјата не биле заборавени колку што биле замолчени и маргинализирани. Ова покажува дека поезијата и книжевноста воопшто одат во една похумана насока која што ги обединува и им оддава признание на активностите на жената надвор од домот“, вели поетесата.

Инаку, веста за наградата Пренџова ја прими во Тирана каде што беше на едномесечен поетски престој во организација на „Поетека“, а подржан од „Традуки“ и Министерството за култура на Република Албанија.

Таа појаснува дека во текот на мај таму имала можност да запознае мнозина свои колеги-творци коишто се многу успешни не само во земјата, туку и надвор од неа и дека целиот тој престој бил заокружен со една несекојдневна средба наречена „Протест фест – поетри тест слем: Елена и пријателите“ на која учество зеле 15-на албански поети и една слемерка којашто живее и твори во САД.

Станува збор за ревијална средба чија основна цел била не само публиката да биде запознаена со слемот, туку и со тамошните уметници да се пробаат во нешто што за нив сè уште е еден вид новина.

„Поетри слемот, како што ни беше презентирано таму, е нешто ново во Албанија и тие навистина беа заинтересирани да видат и да почувствуваат што всушност подразбира тој начин на интерпретација и претставување на поезијата“, вели Пренџова.

Конечно, поетесата дополнува дека нејзиниот престој во Албанија бил навистина продуктивен и дека постои можност „Поетека“ наскоро (можеби уште летово) тројазично (на албански, македонски и англиски) да го објави сето она што таа таму го напишала. Згора на тоа нималку не се сомнева дека ќе биде продлабочена зачнатата слем-комуникација и дека наскоро би можеле да ги видиме тамошните слемери на македонските слем натпревари.

А, кога сме веќе тука интересно е што Елена Пренџова, по слемовите во Тетово, Кавадарци и Битола, во текот на јуни ја очекуваат и неколку значајни слем средби во татковината. Во сабота, на 6 јуни, ќе биде на големиот Интернационален слем натпревар во Прилеп, наредната на слем-средбата во Скопје што ќе биде организирана во рамките на уметничкиот фестивал „Паратисима 2“ и веднаш потоа и на онаа што ќе биде организирана во напуштен вагон на Железничката станица во Велес.

Во средината на јули македонските слемери ќе бидат на „Дојран-фест“, а договараат и среќавања во Гевгелија, Валандово и Штип.

Кон овие информации само уште потсетувањето дека Елена Пренџова е автор на стихозбирките „Живот под ѕвездите“, „Пораки од морето“, „Таа“ и „Јас“, како и на „Антологијата на младата македонска авангардна поезија“. Нејзини песни се застапени во панорамски и антологиски избори на современата македонска поезија, објавени во Македонија и во странство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG