Достапни линкови

Каракачанов - 100 илјади Македонци со бугарски пасоши


Бугарските политичари Красимир Каракачанов и Ангел Џамбаски присуствуваа на одбележувањето на петгодишнината од постоењето на Здружението за македонско-бугарско пријателство во Битола.

На стоте години од смртта на војводата Јане Сандански кој се залагал за независна борба во формирањето на самостојна македонска држава, над 90 илјади Македонци имаат бугарски пасоши. Податокот дека бројката на Македонци со бугарски пасоши ближи сто илјади го изнесе лично Красимир Каракачанов, заменик претседател на бугарското собрание, деновиве во Битола каде на одбележувањето на петгодишнината од постоењето на Здружението за македонско-бугарско пријателство присуствуваа над 200 Македонци.

Бугарија да создаде услови сите граѓани на Македонија кои сакаат да имаат бугарски пасош да го добијат. Бројката пред една година беше 90 илјади граѓани, а сега можно е да се и 100 илјади.
Красимир Каракачанов, заменик претседател на бугарското собрание.

„Бугарија да создаде услови сите граѓани на Македонија кои сакаат да имаат бугарски пасош да го добијат. Бројката пред една година беше 90 илјади граѓани, а сега можно е да се и 100 илјади“, рече Каракачанов.

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски изјави дека тоа се Македонци кои имаат бугарска национална свест.

„Сакаме нешто многу просто. Власта во Скопје да ги признае оние македонски граѓани кои имаат бугарска национална свест, а такви сигурно ги има. На нашиот собир дојдоа многу млади луѓе, а знаеме дека земјата е во тешка економска и политичка ситуација за што често се зборува во Европскиот парламент“, рече Џамбаски.

Иако станува голем бројот на Македонци со бугарски пасоши, досега на прсти се бројат оние кои јавно се изјасниле како Бугари. Повеќето граѓани велат дека се одлучуваат на ваквиот чекор зашто со пасошот на земја членка на Европската унија им се овозможува полесно да дојдат до работа во европските земји и за тоа не му треба посебна работна дозвола.

Ваквите услови создаваат плодна почва за повторна појава на врховизмот како политика на овие простори, смета историчарот Александар Литовски. Тој додава дека и по еден век од неговото постоење, ликот на револуционерот Сандански треба да биде пример за вистинскиот патриотизам денес во Македонија.

„Сандански како револуционерен лик денес ни е неопходен во Македонија за да се направи разликата меѓу вистинскиот македонизам и врховизмот, меѓу патриотизмот и лажниот патриотизам, меѓу доследноста и принципиелноста во борбата и меѓу поткупеноста и ниските профити во борбата за Македонија. Сандански бил најбескомпромисниот и најдоследниот борец против врховизмот, односно најдоследниот борец за чистата македонска и самостојна борба. Тоа го симболизирал кога бил жив, тоа Сандански го симболизира и денес. Не ми е јасно како овде сред Битола можат да соберат толку луѓе“, вели Литовски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG