Достапни линкови

Ивана Настески: Уметноста е создадена да патува!


Во галеријата „Икар“ во Земун, во соседна Србија, од 13 до 25 мај, се одржува изложба на графики и цртежи од Ивана Настески. Станува збор за постановка на која македонската уметница се претставува со одбир на дела создавани во периодот од 2013 до 2015 година и за творби кои претставуваат нејзин „внатрешен монолог со древните и вечни времиња, така далечни а едновремено така блиски до сите нас“.

Македонската уметница Ивана Настески, по скоро седум години од првичната средба во 2008 година, наново го предизвика вниманието на белградската ликовна публика. Овојпат на својата 10 самостојна изложба, во галеријата „Икар“ во Земун, таа претстави избор од 36 дела, графики и цртежи, реализирани во различни техники и комбинирани медиуми, настанати во последниве две години. Дела за кои, пак, самата знае да забележи дека „претставуваат нејзин внатрешен монолог со древните и вечни времиња, така далечни и едновремени блиски до сите нас“.

Од Белград се вратив полна со позитивна енергија. На отворањето на мојата изложба присуствуваше еден свет кој ми е навистина многу близок – од историчари на уметноста до мои колеги, графичари, сликари или вајари, така што заедно ми се чини дека направивме една фина симбиоза, фин спој на она што значи уметност, меѓутоа и толкување на уметноста од еден стручен аспект.
Ивана Настески, уметник.

„Од Белград се вратив полна со позитивна енергија. На отворањето на мојата изложба присуствуваше еден свет кој ми е навистина многу близок – од историчари на уметноста до мои колеги, графичари, сликари или вајари, така што заедно ми се чини дека направивме една фина симбиоза, фин спој на она што значи уметност, меѓутоа и толкување на уметноста од еден стручен аспект. Така што навистина искрено сум задоволна и од приемот на публиката, меѓутоа и од моето претставување во овие рамки надвор од нашата држава“, вели Настески.

Говорејќи за значението и неопходноста од жива и реална комуникација со публиката и со стручната јавност на секој творец надвор од матичната, таа дополнува дека „уметноста сама по себе сака да патува“.

Уметноста е создадена да патува. Уметноста сака да се движи и навистина за еден уметник, без оглед на тоа дали станува збор за графичар, сликар или вајар, поет, музичар или режисер...сеедно, секое движење надвор всушност му ги отвора портите , му ги отвора видиците и му ги отвора неговите лични гледишта.
Ивана Настески, уметник.

„Уметноста е создадена да патува. Уметноста сака да се движи и навистина за еден уметник, без оглед на тоа дали станува збор за графичар, сликар или вајар, поет, музичар или режисер...сеедно, секое движење надвор всушност му ги отвора портите , му ги отвора видиците и му ги отвора неговите лични гледишта. Навистина е многу важно за уметникот, без оглед на тоа од која област потекнува, да се движи, да расте, да креира, да создава, да опстојува ...заради тоа што само така уметноста е жива, а уметноста е создадена и секој да ја гледа и возприема на свој начин. “

​Појаснувајќи го концептот за постановката уметницата истакнува дека на својствен и интимен начин сака да ја прикаже актуелната порака што ја носат древните цивилизации, нивната вечна симболика и значење, славењето на животот или смртта, раѓањето, мајчинството и секако духовноста и светлината воопшто...

Дополнува дека тематиката на нејзините графики и цртежи е многу широка и деликатна, но наедно и доволно интригантна, интересна и пред се универзална. Мотивите, главно се базираат на артефакти од различни периоди на праисторијата, од Неолитот, Мезолитот, како и некои помлади историски периоди од целиот свет, но пред се од територијата на Македонија. Тоа, според неа е многу комплексно подрачје, но и моќно по бројот на наоѓалишта а и по ликовните и семантичките специфичности кои тие ги носат во себе. Вели дека такви се фигурините изработени (во теракота или во глина) на Богинката Мајка, жртвениците, како и објектите врзани за обредните ритуали или производите за секојдневен живот. Затоа и констатира дека тие во ликовна и духовна смисла воодушевуваат со својата несекојдневна ликовна убавина како и поглед кон Универзумот.

„Пораката што ја носат моите дела всушност е дека тие се универзално свети и дека се дел од сите нас, меѓутоа сите ние можеме да ги интерпретираме на наш личен ликовен јазик. Но,исто така парцијално во моите графики се вметнуваат и делови од македонскиот фолклор затоа што фолклорот е неделив дел од историјата на еден народ, и еден вид пра-уметност која во себе ја носи единствената човечка порака уште од древните, херојски, исконски времиња.“

И, уште некој збор колку за потсетување.

Родена 1981 година во Тетово, Ивана Настески студирала и пост-дипломски студии на одделот за графика и графички техники и завршила на Ликовната академија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Освен во родниот град, самостојно изложувала во Скопје, Охрид, Кавадарци, Прилеп, Белград, Шабац и Дрезден, а на групни, меѓународни графички биенални и триенални постановки се претставувала во САД, Мексико, Кина, Русија, Шпанија, Португалија, Грција и во Швајцарија. Член е на ДЛУМ од 2009 година и добитник на значајни награди и признанија (посебно за издвојување е Гран При на асоцијацијата за графика во 2010 година), а во мај минатата година, своите дела заедно со оние на Ивана Стојановска – Станковиќ, ги изложи на постановката во Галерија музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид.

Конечно, по завршувањето на изложбата во Земун, уметницата со свои творби наново ќе биде присутна на Графичкото биенале во Белград, а потем и на неколкуте слични конкурси во земјите од регионов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG