Достапни линкови

Кризата кулминира, потребна е релаксација


Оставките на Груевски и Заев нема да решат ништо. Лидерите треба да седнат на заедничка маса и да договорат разрешница, по што ќе се олабави и тензијата кај народот, велат познавачите.

Сликата на револуционерно Скопје, низ чии улици изминатите неколку дена поминуваа реки од народ изразувајќи ја својата волја и убедувања, полека се менува. Гужвите се намалија, а маршрутите низ градот ги заменија кампери.

И вие сега ако го жртвувате и добриот, поради лошиот, излегува дека повторно вие на овој Балкан место демократија градите стабилократија. Важна ви е само стабилноста, а што жртвувате тоа не е важно.
Ким Мехмети, политички аналитичар.

Во вакви услови, останува отворено прашањето каде е излезот и што понатаму? Дали евентуалните оставки на Зоран Заев и Никола Груевски можат да ги ублажат последиците од кризата? Политичкиот аналитичар Ким Мехмети вели дека се сомнева во формулите со кои се решава една ситуација.

„Сè е можно, меѓутоа формулите со кои се решава една ситуација оставаат лузни, оставаат долги последици. И вие сега ако го жртвувате и добриот, поради лошиот, излегува дека повторно вие на овој Балкан место демократија градите стабилократија. Важна ви е само стабилноста, а што жртвувате тоа не е важно. Оти ако одите по таа логика може да жртвувате и илјада луѓе и да речете после ова сите ќе бидат виновни. И таа е формула видена на Балканот. Мислам дека таа формула сега се употребува и во Македонија.“

И во наредниот период очекувам поканализиран и поистапкан пат на транспарентно политичко дејствување кое очекувам да донесе до враќање на опозицијата во македонското собрание и доколку се има потреба да се дојде и до евентуално распишување на предвремени парламентарни избори.
Иванка Додовска, универзитетски професор.

Според професорката Иванка Додовска протестите се само кулминација на кризата, а единствениот логичен чекор после ова е политичките лидери да седнат на маса и да договорат разрешница на ситуацијата.

„И во наредниот период очекувам поканализиран и поистапкан пат на транспарентно политичко дејствување кое очекувам да донесе до враќање на опозицијата во македонското собрание и доколку се има потреба да се дојде и до евентуално распишување на предвремени парламентарни избори. Секое друго отстапување или инаетење покажува лош сигнал надвор и внатре во државата“, вели Додовска.

Додовска уверува дека излез од кризата не се евентуални оставки од Груевски и Заев. Формалното давање на оставки нема да направи промена бидејќи лидерите ги бира мнозинството и тие се израз на внатрешните ставови на мнозинството, вели таа.

„Тоа е само губење на време. Во овој момент најважно е да се најде излез кој ќе доведе до дијалог и тоа меѓусебно заемно разбирање кое ќе доведе до реализација на неколку клучни проблеми кои ја оневозможуваат политичката комуникација. Двајцата лидери треба да им дадат пример на пониско ниво, членството, граѓаните што би довело до релаксација на луѓето и сето тоа ќе доведе до предвремени парламентарни избори, не поради легитимноста на оваа владејачка гарнитура, која е дефинитивна неоспорна туку со тоа ќе се потврди како во изминатиот период граѓаните ја оцениле актуелната состојба и на која страна повеќе и веруваат“, вели Додовска.

Во ваква ситуација, албанското гласачко тело е збунето, вели Мехмети според кој тоа не е воопшто претставено во оваа власт.

„Таму имате една гарнитура, тоа се челниците на ДУИ и на ДПА коишто се подеднакво виновни за случувањата. Кои да сакаа овој режим одамна ќе паднеше. Но не сакаат зошто се заложници на Груевски и Албанците нормално сега се тотално збунети, без свои претставници. Тие мали опозициони партии уште не се дефинирани, така што тие и на протести не се претставени од никого, ниту пак во власта и во државните институции имаат свои претставници“, изјави Мехмети.

Во меѓувреме лидерската средба меѓу лидерите на најголемите четири партии заврши без приближување на ставовите за излез од политичката криза. Ново продолжение на средбата е закажано за 26 мај.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG