Достапни линкови

Груевски: Нема повлекување


Собир за поддршка на владата во центарот на Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:03 0:00

Собир за поддршка на владата во центарот на Скопје

Десетици илјади граѓани излегоа на провладиниот собир во центарот на Скопје. Премиерот Груевски рече дека нема да се повлече и оти Заев работи за странска разузнавачка служба.

Премиерот Никола Груевски вечерва порача дека нема повлекување и нема предавање. На големиот провладин собир во центарот на Скопје, тој рече дема нема да дозволи народот до таа мера да се закрви и меѓусебно да се пресметува и оти ќе ја добие оваа битка. Груевски рече дека во Македонија се случува диктатура на политичкото малцинство и уште еднаш повтори дека лидерот на опозицијата Зоран Заев е марионета на странска служба, која не и мисли добро на Македонија.

Цврсто веруваа дека ќе нè скршат, дека ќе нè прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи, дека ќе нè исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме, но вечерва го добиваат одговорот – Македонија не се предава, Македонија е силна. Им порачуваме нема повлекување, нема предавање.
Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер.

„Цврсто веруваа дека ќе нè скршат, дека ќе нè прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи, дека ќе нè исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме, но вечерва го добиваат одговорот – Македонија не се предава, Македонија е силна. Им порачуваме нема повлекување, нема предавање“, рече Груевски.

Груевски рече дека останува нивниот став за името, односно дека нема да прифатат промена на Уставот со цел промена на уставното име.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што ќе го нарушат македонскиот национален идентитет, македонската нација и македонскиот јазик, нема да дозволи решение или компромис да бидат прифатени од страна на поединци, влада или парламент без пред тоа да се изјаснат граѓаните на референдум. Ќе ги продолжиме разговорите со Грција, но со јасно изградени позиции. ЕУ и НАТО остануваат наш највисок приоритет. Тоа е нашата стратегигија и ориентација“, рече Груевски.

Во моментов и во Македонија опозицијата и нејзините надворешни ментори ни приредуваат еден од чиновите на украинската драма.
Виолета Ачковска,историчар и претставник на ГДОМ.

Осврнувајќи се на прислушуваните разговори што ги објавува Заев, Груевски рече дека неговите најбомбастично најавувани „бомби“ биле и негово најголемо фијаско.

Десетици илјади граѓани излегоа на провладиниот собир во организација на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија. Собирот под мотото „Македонија силна“ се одржува пред македонското Собрание. Бината е сместена пред Порта „Македонија“, а долж улицата има поставено висока ограда.

Собирот е проследен со македонски народни песни, извици „Македонија“, македонски, српски, турски и ромски знамиња и со силна партиска иконографија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, собирот има за цел ја покаже поддршката на државата во овие тешки моменти, да даде поддршка за сите кои се борат за Македонија, за безбедносните сили, за сите сили кои прават напори Македонија да излезе од оваа криза.

Пред Груевски на насобраните им се обратија, професорката Виолета Ачковска, лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски и синдикалецот Дојчин Цветановски.

Виолета Ачковска во името на ГДОМ, но, како што рече, и во својство на историчар, рече дека она што се случува во Македонија ја потсетува на случувањата во Украина, кога, како што рече шатори го нагрдувале центарот на Киев.

„Во моментов и во Македонија опозицијата и нејзините надворешни ментори ни приредуваат еден од чиновите на украинската драма. Се поставуваат шаторите, а потоа веројатно следи и некој македонски Кличко, името воопшто не му е важно, тој ќе биде само пиунот кој ќе треба да одигра некаква клучна улога во оваа добро испланирана и долго подготвувана балканска премиера. Нашата сила, нашата енергија која зрачи овде и сега е најголемата пречка за реализација на тоа погубно сценарио“, рече таа.

Водителот на манифестацијата, актерот Роберт Вељановски, прочита порака за поддршка на собирот од претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол.

„ВМРО-ДПМНЕ е наша членка и ја има поддршката од Европската народна партија. Како и секоја членка на Европската народна партија особено се истакнува со целосно почитување на заедничките вредности и принципите, а како прво и основно демократијата, владеењето на правото, посветеноста и работата за силен, независен судски систем и борбата против корупцијата“, прочита Вељановски дел од пораката на Дол, во која се повикува на политички дијалог и разјаснување на обвинувањата од страна на опозицијата.

Водителот и говорниците се осврнаа на прислушуваните разговори што ги објавува опозицијата

Јакимовски рече дека Заев поседува дел од интимата на, како што рече, повеќе од 25 илјади граѓани, сè со цел крајно да ја искомпромитира владата на Македонија.

„Еден хаос ќе роди нов хаос и најмногу од се ќе страдаат граѓаните на Република Македонија и ќе ги разориме нашите институции кои тешко и макотрпно ги градевме“, рече лидерот на ГРОМ.

Овој собир се одржува ден по анти-владиниот протест за оставка на Владата и додека пред владината зграда кампуваат луѓе кои бараат оваа власт да си замине.

Во првите редови на вечерашниов собир може да се забележат министри, градоначалници, како и лидери на помалите партии кои се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. На собирот присуствуваат и поранешната министерка Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кои неодамна си поднесоа оставки.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG