Достапни линкови

Неделниците го анализираат настанот во Куманово


Република во насловот на воведникот поставува прашање: „Што дознавме по Куманово?“. Фокус открива „Како е договарана кумановската војна“, а Глобус потсетува дека по Куманово останаа стотина неодговорени прашања.

Разбирливо е што по 24-часовните пукотници во Куманово со крвав биланс од осуммина загинати македонски специјалци, неделниците се преполни со текстови и анализи за причините, последиците и организацијата на акцијата, понекогаш и премногу субјективни, дури и со навреди кон политичките неистомисленици.

Власта приложила политички жртви за да спречела нови човечки жртви, а опозицијата жртвувала луѓе за да принесе нови политички жртви.
Република.

Република - „Што дознавме по Куманово?“

Република во насловот на воведникот поставува прашање: „Што дознавме по Куманово?“ и наведува 13 точки кои можат да се сведат на еден заеднички именител: СДСМ со, како што иронизира авторот, „црпнатиот“ и „патолошки лажго, Зоран Заев“ со помош на „соросоидите“, а во спрега со странските разузнавачки служби ја осмислиле и ја исценирале целата работа во Куманово. Па завршува со пораката дека власта приложила политички жртви за да спречела нови човечки жртви, а опозицијата жртвувала луѓе за да принесе нови политички жртви.

Фокус - Како е договарана кумановската војна

Фокус истражувал и ексклузивно открива „Како е договарана кумановската војна“ со елементи кои дури се чинат нестварни. Имено, неделникот изнесува дека во февруари годинава, познат Пи-Ар агент од Франција имал таен состанок со високи претставници на власта во Скопје. Тогаш наводно е договорена мала, но контролирана војна, каква што, потсетува Фокус, и практично се случи во Куманово, која ќе има за цел да создаде паника и страв, а преку успешна полициска акција да се врати некаква доверба во институциите и во државата.

Познат Пи-Ар агент од Франција имал таен состанок со високи претставници на власта во Скопје. Тогаш наводно е договорена мала, но контролирана војна, каква што и практично се случи во Куманово, која ќе има за цел да создаде паника и страв, а преку успешна полициска акција да се врати некаква доверба во институциите и во државата.
Фокус.

Состанокот, според дипломатски и безбедносни извори на Фокус, се одржал на Водно, во некаква бело-златна вила, на 17 февруари во вечерните часови и на него присуствувале тројца високи државни претставници. Францускиот експерт сакал да ангажира и неколкумина спин-доктори на кои им го претставил сценариото заведено под името „Ла петите гуерре“ или „Малечка војна“. Пред нив, за време на убедувањето дека е неопходно да му се приклучат во тимот, тврдел дека таквото сценарио ќе значи само еднодневна контролирана војна, иако наводно претставниците на власта сакале тоа да биде судир од поголеми размери, тврди покрај другото Фокус.

Глобус - Куманово - стотина прашања, неодредени одговори, а огромни жртви и материјални штети

И он-лајн магазинот Глобус насловува анализа: „Куманово - стотина прашања, неодредени одговори, а огромни жртви и материјални штети“. Власта, пишува понатаму авторот во неделникот, за сите сериозни прашања одговара „истрагата е во тек“, а имаме скандалозна акција со масакр меѓу полициските редови во сооднос на расположивите средства и разурнувањата на теренот како да се работи за холивудски воен спектакл. Анализата е поткрепена со забелешките дека целите на агресорот се нејасни, дека е изведена прва форма на градска герила, дека се користеле почетници - специјалци, дека немало точна дефиниција на групата, го нема лидерот на косоварите, што на власта ѝ“ прави тешкотии да излезе од оваа „каша попара“ од дилеми, завршува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG