Достапни линкови

Протестирај ако најдеш место


Не може пред Влада, не може пред МВР, протестот пред Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:46 0:00

Не може да се протестира пред Влада, ниту пред МВР. Вчера, пак, демонстрантите кои протестираат против полициска бруталност, беа спречени да протестираат пред Јавното обвинителство. Може да се протестира само пред Собрание.

Неколку илјади демонстранти два часа се обидуваа да најдат простор каде да протестираат против полициската бруталност. На крај тие завршија пред Собрание, откако беа спречени да протестираат пред Владата и пред МВР. Од Хелсиншкиот комитет најавија дека ќе покренат иницијатива пред Уставниот суд поради прекршување на уставното право на протест. МВР, пак, образложува дека ограничувањето е резултат на последиците од протестот во вторникот.

За ова, ние неколку граѓански организации планираме да поднесеме и иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи станува збор за едно од уставните права на граѓаните. Доколку тоа не биде прифатено од страна на Уставниот суд, ќе тераме и од Европскиот суд за човекови права во Стрзбур.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека во Македонија на граѓаните им се попречува правото на протест. Како се менува локацијата, така се позиционираат и полицајците, вели Пировска, додавајќи дека и таа самата на двапати била попречена да протестира.

„За ова, ние неколку граѓански организации планираме да поднесеме и иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи станува збор за едно од уставните права на граѓаните. Доколку тоа не биде прифатено од страна на Уставниот суд, ќе тераме и од Европскиот суд за човекови права во Стрзбур“, изјави вечерва таа.

Денеска, пак, портпаролот на МВР, Иво Котевски во изјава за нашето радио рече дека одлуката уследила по протестот во вторникот во кој доде до судир меѓу полицијата и демонстрантите.

„Од тие причини наша обврска е да ја заштитиме безбедноста и на објектите кои сме должни да ги штитиме и да се трудиме што е можно повеќе да ги обезбедиме и полициските службеници да не страдаат од вандалите и хулиганите“, вели Иво Котевски од МВР.

Протестот започна пред Владата, каде што секој ден во 18 часот, веќе четири дена се собираат луѓе кои бараат одговорност од надлежните за прикривање на убиството на 22-годишниот Мартин Нешкоски.

„Протестираме за да не дојде до убиство на некој наш сограѓанин, протестираме и за Тамара и за убиството на новинарот и против полициската бруталност.“

Протестираме за да не дојде до убиство на некој наш сограѓанин, протестираме и за Тамара и за убиството на новинарот и против полициската бруталност.
Анкетиран граѓанин.

„Бараме оставки од Гордана Јанкулоска и сите оние кои знаеле, а се обиделе да го прикријат делото и исто така поради сето она што го прават во Македонија бараме оставка од премиерот Никола Груевски“, рекоа дел од учесниците во протестот.

Тие извикуваат „Оставки“, „Нема правда, нема мир“, „Никола оди си“.

Полицајците го блокираа пристапот до владата еден час пред да почнат протестите и не им дозволија на демонстрантите да „припарат“ до Влада. Откако не им успеа да протестираат таму се упатија кон Министерството за внатрешни работи. На пат кон таму поминаа и покрај кампот на Средношколскиот пленум каде неколку недели протестираат средношколците. Следуваше аплауз од двете страни и извикување „Заедно сме посилни.“

Пред МВР ги пречека повторно полициски кордон кој не им дозволи да дојдат до зградата на министерството. Тука демонстрантите со кренати раце во воздух се обидоа да поминат покрај полицискиот кордон и да стигнат до МВР, но специјалците не им дозволија. „Полициска држава“ и „Не бидете човечиња“ им довикуваат демонстрантите, по што народот почна да скандира „Одиме кај Грујо“ и се упатија кон зградата во која живее премиерот Никола Груевски, која се наоѓа во близина на МВР.

Само во вторникот протестот се одржа пред Влада, но по судирот меѓу демонстрантите и полицијата, следниот ден пристапот кон Влада беше забранет, по што протестот заврши пред Собрание. Вчера откако не им дозволија да протестираат пред Влада, демонстрантите се упатија кон Јавното обвинителство, но и таму не им беше дозволено, по што пак се протестираше пред Собрание. И вчера и завчера на протестите беа забележани групи на провокатори, но по интервенцијата на луѓето кои протестираа тие беа спречени да направат инциденти. Забележливо е присуство на повеќе телевизиски екипи од регионот. Освен во Скопје се протестира и во други градови во Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG