Достапни линкови

САД: Русија го зголемува военото присуство во Украина


САД: Русија го зголемува военото присуство во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

САД: Русија го зголемува военото присуство во Украина

Соединетите држави соопштија дека Русија разместила уште системи за против воздушна одбрана во источна Украина и оти е инволвирана во обуката на сепаратистичките сили. Претходно официјална Москва го обвини Вашингтон дека ја злоупотребува кризата во Украина.

„Руската војска размести дополнителни против воздушни системи во источна Украина, а неколку од нив веќе се наоѓаат на линијата на фронтот“, оцени портпаролот на Стејт департментот Мери Харф, додавајќи:

„Ова е најголемо распоредување на руски против воздушни системи во источна Украина од минатиот август“.

Според неа, исклучително сложената природа на вежбите на бунтовниците не оставаат сомневање дека Русија била инволвирана во нивното обучување.

Во изјавата се додава дека Русија и натаму доставува оружје во источниот дел на Украина.

Ова е најголемо распоредување на руски против воздушни системи во источна Украина од минатиот август.
Мери Харф, портпарол на Стејт департментот

„По релативното постојано присуство по должината на границата, сега Русија почна да натрупува нови сили“ вели портпаролот на Стејт департментот потенцирајќи дека ова се случува за прв пат по октомври лани.

Таа прецизира и дека руските и бунтовничките сили задржале голем број артилериски орудија во областите каде што тоа е забрането според договорот за примирје потпишан во февруари годинава во белорускиот главен град Минск.

Примирјето кое стапи во сила на 15 февруари годинава иако ги намали борбите, скоро секојдневно е нарушувано од владините сили и од проруските бунтовници во источна Украина.

Киев, НАТО, Соединетите држави и неколку западни земји ја обвинуваат Русија дека испраќа војници и оружје за бунтовниците во источна Украина, но Москва тоа постојано го демантира.

Соединетите држави и Европа воведоа санкции против Русија околу нејзината улога во украинската криза, со предупредување дека тие ќе бидат укинати само доколку биде исполнет договорот постигнат во Минск.

Во наш интерес е Украина да не биде поделена. Во наши интерес е да ја задржи неутралноста, особено во воено политичка смисла.
Сергеј Лавров, шеф на руската дипломатија

Претходно, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги критикуваше Соединетите држави за украинската криза.

Според него, украинското единство и нејзината неутралност се од најголем интерес за Русија. Во интервју за неколку руски радио станици министерот Лавров рече:

„Во наш интерес е Украина да не биде поделена. Во наши интерес е да ја задржи неутралноста, особено во воено политичка смисла“.

Лавров го обвини Вашингтон дека ја употребува украинската криза за да ја постигне, како што рече, својата стратегиска цел „попречување на развојот на руската соработка со Европската унија, особено со Германија.

Шефот на руската дипломатија изрази сомневање и за ефикасноста на американската програма за помош на украинските воени сили со инструктори, наведувајќи дека таквите обиди биле неуспешни во Ирак и во Авганистан.

Деновиве , околу 300 американски падобранци пристигнаа во западниот дел на Украина за да обучуваат околу 900 припадници на Националната гарда.

Москва предупреди дека таквиот потег би можело сериозно да га дестабилизира ситуацијата во Украина.

Таму веќе има и 35 британски војници, а Канада најави дека ќе испрати 200 воени инструктори.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG