Достапни линкови

Цената на трудот ќе се намали, структурните проблеми ќе останат


Сите овие години владата нема идеи како да ја намали невработеноста, бидејќи сè што знае да направи за да го стимулира вработувањето на нови луѓе е да ослободува од плаќање даноци и придонеси. Ова е коментарот на Бранимир Јовановиќ од Левичарското движење Солидарност за најновиот владин проект „Македонија вработува“, со кој се предвидува ослободување од плаќање задолжителни социјални придонеси и персонален данок на доход за компаниите кои ќе вработуваат граѓани од неколку категории.

Имаме структурни проблеми како неефикасни институции, лошо образование, несовпаѓање меѓу побарувачката и понудата на пазарот на труд. Сите тие проблеми нема да се надминат со ослободувањето од придонеси, затоа што ослободувањето од придонеси води кон намалување на цената на трудот и ако на фирмите им е скапо да вработуваат луѓе, со ослободувањето од придонеси трудот ќе биде поевтин и ќе почнат повеќе да вработуваат.
Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар.

„Имаме структурни проблеми како неефикасни институции, лошо образование, несовпаѓање меѓу побарувачката и понудата на пазарот на труд. Сите тие проблеми нема да се надминат со ослободувањето од придонеси. Ослободувањето од придонеси води кон намалување на цената на трудот и ако на фирмите им е скапо да вработуваат луѓе, со ослободувањето од придонеси трудот ќе биде поевтин и ќе почнат повеќе да вработуваат, но тоа не е случај во Македонија“, вели Јовановиќ.

Поинакво мислење има Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

„За нас значи дека пред се ќе ги намали трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување кое е намалено со трошоци за социјални придонеси е на некој начин директна помош во самото спроведување на бизнисот, тоа е прва работа. Бтора работа е што ова е партнерство во борбата против сивата економија“, вели Бошков.

За нас значи дека пред се ќе ги намали трошоците за водење бизнис, бидејќи секое вработување кое е намалено со трошоци за социјални придонеси е на некој начин директна помош во самото спроведување на бизнисот, тоа е прва работа. Бтора работа е што ова е партнерство во борбата против сивата економија.
Миле Бошков, Конфедерација на работодавачи.

Меѓутоа, зборувајќи за тоа од каде ќе се најдат пари во буџетот за да им простува давачки на работодавачите, Јовановиќ вели дека овој проект не претставува трошок за државата.

„Тие давачки владата ни досега не ги остварувала, така што нема ни отсега да ги остварува. Ако некој не бил вработен и не плаќал придонеси и од утре ако почне да работи, а не плаќа придонеси, пак ќе биде исто како претходно“, вели тој.

Државниот завод за статистика објави дека стапката на невработеност во Македонија во првото тримесечје од годинава изнесува 29,9 проценти, односно бројот на невработени лица во земјава во овој квартал изнесува речиси 285 илјади.

Што се однесува на намалувањето на невработеноста, од Солидарност сметаат дека овој процес не е реален.

„Тоа што значи луѓе што работеле да работат на сиво и што во анкетата на Државниот завод за статистика се изјаснувале како невработени, одеднаш почнале да се изјаснуваат како вработени“; вели Јовановиќ.

Со мерките предвидени во проектот, можност да се вработат треба да имаат околу 150 илјади невработени до 35 години, лица од 35 до 50 години кои повеќе од 10 години се без работа и лица над 50 години.

Според Јовановиќ, за да има реални вработувања, потребни се суштински промени во економијата.

„Клучно е да има реформа на јавниот сектор, тоа е клучно, државата да го промени начинот на своето однесување. Државата треба да вработува, но треба и да се трансформира. Државата не треба да биде сервис за вработување партиски кадри, туку треба да биде сервис на граѓаните“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG