Достапни линкови

Наумоски со изложбата „IN – OUT – ILLUMINATION“ во Прилеп


Четиринаесет дела, инсталации и рентген слики, се претставени на изложбата „IN – OUT – ILLUMINATION“ на македонскиот уметник Благојче Наумовски – Бане, што од 27 март до 10 април, се одржува во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Авторот со оваа постановка, како што забележува проф. Д-р Јана Манева Чупоска,инсистира на ТРАНСЦЕДЕНТНО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ на границите на свеста и доживување на искуства во една метафизичка атмосфера.

По нецели четири месеци од првичното претставување во Галеријата „Остен“ во Скопје, изложбата „IN – OUT – ILLUMINATION“ на Благојче Наумоски – Бане се најде и пред прилепската ликовна јавност. Во Центарот за култура „Марко Цепенков“, од 27 март до 10 април , претставени се 14 дела, инсталации и рентген слики. Д-р Јана Манева Чупоска пишува дека со нив авторот „инсистира на ТРАНСЦЕДЕНТНО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ на границите на свеста и доживување на искуства во една метафизичка атмосфера.

Решив да прикажам преку едно уметничко гледање проток на две енергии – протомордијална и трансцедентална. Протомордијалната енергија е она што го носиме внатре во себе, а трансцеденталната она што го восприемаме од надвор.
Благојче Наумовски – Бане, уметник.

Ваквата уметникова привилегија, вели таа, тој по сите основи „ја распостила пред нас со евидентната ТРАНСЦЕДЕНТНА АТМОСФЕРА, РЕШАВАЈЌИ ЈА СУДБИНАТА на овие актови СО ПЛУС И МИНУС, СО ВО И НА, СО ПОД И НАД, СО НАДВОР, ВНАТРЕ, ПОЗИТИВ И НЕГАТИВ, вечна игра која можеме да ја наречеме ИНТИМНА ВНАТРЕШНА ИГРА, ИНТИМНА ИГРА НА ПРИПАДНОСТ, ПРАШАЊЕТО ДАЛИ СМЕ НА ВИСТИНСКАТА СТРАНА, ПОТРПЕНИ, НАВАЛЕНИ, ЗАСОЛНЕТИ, ЗГРИЖЕНИ, или пак ГУШНАТИ СО ЉУБОВТА“.

А, уметникот Наумоски појаснува дека во проектот всушност се работи за проток на две енергии што тој ги нашол како доста интересни во своето од 2009 до 2014 година, во периодот кога всушност решил да ја поврзува науката со уметноста.

„Решив да прикажам преку едно уметничко гледање проток на две енергии – протомордијална и трансцедентална. Протомордијалната енергија е она што го носиме внатре во себе, а трансцеденталната она што го восприемаме од надвор. Тоа го прикажувам преку еден графикон, една шема на енергија, цртана врз тело позитив преку фотографија или сликање на платно на човечко тело, сегменти на човечко тело, и негатив преку рентген снимките кои буквално го означуваат она што е негатив на човечкото тело, всушност неговата внатрешност. “

Сликарот дополнува дека прикажал едно гледање на енергијата од источните мистици кои сето тоа, пак, го имаат кажано уште пред 2000 години. Потсетува дека творел врз основа на нивни книги, филозофии и размисли и дека од голем помош му била модерната физика која сето тоа го има проучено и прикажано преку аксиоми и теореми кои се наоѓаат на дел од рентгените кои што ја пратат формата.

„На овој начин се заокружува целината. Од една страна имаме цртеж, движење на енергијата низ чакри, низ цел тој проток, а од друга страна ги имаме формулите, математичките решенија за квантната физика и за енергијата кои што ја надополнуваат формата. “

Говорејќи за сопствената потрага, Бане истакнува дека ова за него бил доста интересен проект кој што, во изминатава половина декада, еволуирал од чисто интервенирање врз рентген снимките до користење на комбинирани техники – масло, акрил на платно и цртежи врз рентген снимки. Сепак, потенцира дека него го заокружил и дека почнува нешто ново.

„Се уште останувам на полето на поврзување на науката и уметноста, но сега посегам по нови медиуми и нови теми. Моментално работам на еден проект со Златните маски од Требеништа. Едно нивно прикажување, една света геометрија. Значи повторно е тука таа геометризација која што е клучна во моето творештво во последно време. Тие дела ќе бидат изложени оваа сабота на Модната недела заедно со оние на колегите професори од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Имаме заедничка тема насловена „Артерија“. Темата се базира на македонското културно наследство и затоа јас ги одбрав погребните ритуални маски од Требеништа сакајќи да видам што е можно врз нив да се истражи и да се стори всушност поинтересно метафизичко прикажување на нивната еволуција.“

Благојче Наумоски – Бане дипломирал на ФЛУ во класата на проф. Рубин Корубин, а магистрирал во 2009 кај проф. Јован Шумковски. Истата година станува член на ДЛУМ и на арт групата И.Н.С.Т.И.Т.У.Т каде активно учествувал во сите изработени проекти. Од 2012 е вработен како асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет.

Досега има реализирано самостојни и групни изложби во земјава, во Германија, Словенија, САД, Франција, Израел, Чешка, Полска, Бугарија...а учествувал и на повеќе перформанси и ликовни колонии.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG