Достапни линкови

Јовановиќ - Со прогресивен данок до помала доходовна нееднаквост


Бранимир Јовановиќ, економски истражувач.
Бранимир Јовановиќ, економски истражувач.

Премоќните фирми, незаштитените работници и несоодветниот даночен систем и систем на социјална заштита придонесуваат за зголемување на доходовната нееднаквост во државата, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ во разговор за Радио Слободна Европа.

Кои се причините за економската нееднаквост во Македонија?

Доходовната нееднаквост е потесен концепт од економската нееднаквост и моите истражување и анализи се пред сè насочени кон доходовната нееднаквост. Би посочил неколку фактори коишто ја движат доходовната нееднаквост. Првиот фактор е пазарната моќ на фирмите. Многу од претпријатијата кај нас имаат или монополска или олигополска позиција и имаат пазарна моќ поради што можат да ги експлоатираат потрошувачите. Втората причина е што сопствениците на капиталот, то ест сопствениците на фирмите имаат моќ во однос на работниците, во однос на вработените, поради ниските работнички права, односно ниска регулација на пазарот на труд, што им овозможува најголем дел од додадената вредност да ја приграбат за себе, односно да заврши кај сопствениците на капиталот, а не кај вработените. Третата причина е несоодветниот даночен систем во Македонија или несоодветниот систем на социјална заштита. Даночниот систем кај нас е регресивен, не ги оданочува побогатите повеќе од посиромашните. Социјалниот систем од друга страна не е доволно издашен и не е доволно добро таргетиран поради што посиромашните не добиваат доволно средства, то ест државата едноставно кажано не врши добра и ефикасна дистрибуција на доходот.

Како може да се намали ваквата нееднаквост?

Нееднаквоска може да се намали со адресирање на проблемите, на причинителите на нееднаквоста. Значи, како прво, она што државата наједноставно и најдиректно може да го направи, тоа е да го смени даночниот систем, односно да воведе попрогресивен даночен систем, да го подобри или да го смени системот на социјална заштита, да ја зголеми социјалната помош и подобро да ја таргетира, тоа е првата работа. Втората работа е државата може да воведе подобра регулација на пазарот на труд, односно да ги зголеми работничките права со што нема да има толкава експлоатација од страна на сопствениците на капиталот врз работниците. Третиот начин е со намалување на монополската позиција, односно на пазарната моќ на претпријатијата. Како што знаете, во многу од доминантните сектори во нашата економија има само неколку претпријатија што имаат олигополска позиција која им овозможува едноставно да ги експлоатираат потрошувачите, значи со намалување на пазарната моќ на претпријатијата.

Гледате ли можеби политичка или економска можност за решавање на овој проблем? Има ли политичка волја?

Државата може да направи даночна реформа и подобра да ги дизајнира трошењата, своите расходи, така што економска моќ дефинитивно има. Дали има политичка волја, не сум сигурен дека постои во моментов, но се надевам дека во блиска иднина може да се појави.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG