Достапни линкови

Снежана Стојчевска: Сè што ми останува се песните


Снежана Стојчевска, поетеса. Фото: Геновева Качуркова.
Снежана Стојчевска, поетеса. Фото: Геновева Качуркова.

„Повеќе би сакала животот да ми е поезија, отколку поезијата живот“ гласно вели во својата трета стихозбирка „Модри фантазии (врз перничето за печати)“, Снежана Стојчевска. Промоцијата на книгата што се појави деновиве како издание на „Темплум“ ќе се одржи на 16 март, во 20 часот, во Планетариумот при Младинскиот културен центар, а во поетскиот перформанс ќе учествуваат и Николина Андова Шопова, Владимир Мартиновски, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески и други.

Со „Модри фантазии“ сакам да направам заокружување на цел еден поетски циклус. Оваа книга е позрела од двете претходни и ми дава едно затворање на целиот тој мисловен свет. Исто така е емотивна, како и претходните две, меѓутоа има и една доза на филозофска промисла за сè она што нè опкружува.

Песните се многу искрени, многу отворени, многу директни. Се однесуваат на мене лично, но можат да се однесуваат на секоја жена. Или на секој човек затоа што се од реалниот живот.
Снежана Стојчевска, поетеса.

Ова ќе го изнедри од себе Снежана Стојчевска во пресрет на промоцијата на својата нова стихозбирка „Модри фантазии (врз перничето за печати)“ што деновиве ја објави книгоиздателството „Темплум“.

Лидија Димковска во рецензијата за делото ќе запише дека „просто зачудувачки е колку се чисти, искрени и чесни нејзините песни, во време кога светот се тресе во потрошувачко лудило, кога кризата ги зафаќа не само материјалните, туку и духовните предели на човечкиот живот, кога брзајќи од една точка до друга најчесто на патот се губи себеси, но и ближните, а љубовта станува табу или комерцијална тема“.

Едноставно мене ми се случи пишувањето и тоа е дел од мојата личност. Дел од моето секојдневие. Не можам да бидам јас без да пишувам.
Снежана Стојчевска, поетеса.

„Песните се многу искрени, многу отворени, многу директни. Се однесуваат на мене лично, но можат да се однесуваат на секоја жена. Или на секој човек затоа што се од реалниот живот“, појаснува Стојчевска.

Таа за себе вели дека поезијата е она што ја определува и дефинира. Потенцира дека поет не се станува туку се раѓа.

Дури да ја објавам, јас многу работам на книгата, а после, после се случува да не можам да ја отворам за да ја читам. Едноставно ја пуштам да егзистира надвор од мене. Исто како дете. Како рожба. Откако ќе дојде на свет таа си има живот надвор од нас.
Снежана Стојчевска, поетеса.

„Едноставно мене ми се случи пишувањето и тоа е дел од мојата личност. Дел од моето секојдневие. Не можам да бидам јас без да пишувам. Тој процес на творење е многу благодарен, благодатен, но и многу мачен. И во самата книга имам многу песни кои говорат за пишувањето и мојот однос кон песните. Дури имам песна која што се вика „Јас и песните“. Згора на тоа, книгата ја завршувам со песна „Кој ќе им суди на песните?“. На крајот на сите краеви сè што ми останува се песните. Ни помалку ни повеќе. Пишувањето е затварање на некој немир. Дур не го напишеш, дур не го извадиш, едноставно не можеш да се смириш. Тоа е трагање и проектирање на себе во нешто друго. Кога овој свет не е доволен или не ми се бендисува, многу е полесно е да си создадам некој свој. Тие си постојат во таа реалност, паралелна некоја реалност. Таму постојам јас и песните“, вели поетесата.

Чинот на емотивното разголување пред читателот поетесата го третира како исклучително важно прашање за секој творец. Истакнува дека од пишувањето на песните до нивното објавување поминува подолг временски период во кој авторот многу вложува во нив. Ги доработува, пресредува, за да заличат онака како што треба за книга. А, кога веќе ќе го стори тоа остава да им почне животот надвор од неа. Дури никогаш не знае која песна читателот ќе ја одбере.

„Дури да ја објавам, јас многу работам на книгата, а после, после се случува да не можам да ја отворам за да ја читам. Едноставно ја пуштам да егзистира надвор од мене. Исто како дете. Како рожба. Откако ќе дојде на свет таа си има живот надвор од нас“, вели Стојчевска.

Говорејќи, пак, за претстојниот промотивен поетски перформанс за „Модри фантазии“ што треба да се одржи на 16 март, во 20 часот, во Планетариумот на Младинскиот културен центар во Скопје, Стојчевска вели дека ги повикала Николина Андова Шопова, Владимир Мартиновски, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески, Елена Митреска, Даниел Карески и Перо Сарџески, всушност дека ја ангажирала „нејзината поетска фамилија“. Дополнува дека е тоа моменталната поетска сцена што е актуелна кај нас и дека настанот е замислен како еден вид „неформално поетско дружење“.

„Многу ми е значајно што сите застанаа покрај мене и со мене да го прават овој проект. Тоа ме прави многу посилна и посреќна. Се одлучив за перформанс со идеја да излезам од класичните салонски промоции, да покажам дека работите можат да се направат поинаку и да бидам поблиску до обичниот читател, бидејќи кога одиме на промоција каде рецензентот зборува стручно, тогаш тоа е податливо само за луѓето од литературните кругови. Во мојата публика има планинари, музичари, спортисти, луѓе од филмот, такви што не читаат многу поезија и јас едноставно сакам да им се доближам и ним, а перформансот е многу поприфатлив за една таква работа. А, со самото тоа што го правам во Планетариум, а таму ќе биде темно и ние нема да се гледаме, сакам да го ставам зборот над нас. Поезијата над егото. Да оставам зборовите да си го кажат своето“, вели поетесата.

Родена 1980 година во Скопје, Снежана Стојчевска дипломирала на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ која излегува како дел од едицијата „Русалки“ што сама ја уредува за книгоиздателството „Или-Или“. „Под нулата“ е нејзината втора поетска објава за која наредната 2013 година ја добива наградата „Бели мугри“ што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје, а „Модри фантазии“ е нејзина трета книга поезија.

„Песните од новата, четврта книга ги имам во некоја драфт верзија и материјалот го подготвувам за печат за следната година. Досега има некаде педесеттина страници, планирам да дојдам до 100 и потоа да направам избор и да го издвојам најдоброто. Овојпат се играм тематски. Темите се разнолики. Пишувам за бегството, за мојот однос со мајката, синот, за стравови, за патувања. Овде веќе отворам поинаква, друга димензија на нештата“, вели Стојчевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG