Достапни линкови

ДПА како партија на власт, ДУИ како да е опозиција


ДУИ на линија на СДСМ во барањето помош од надвор, ДПА пак со речиси ист речник како ВМРО-ДПМНЕ во однос на „бомбите“ кои ги објавува опозицијата.

ДУИ исто како и СДСМ бара меѓународна поддршка за решавање на актуелната криза, а не се изјаснува и децидно за идејата за преодна влада, туку оценува само дека сега е рано.

ДПА излезе како партија од власта, додека ДУИ уште се однесува како опозициска партија.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Опозициската партија на Албанците ДПА пак излезе со речиси ист речник како коалицискиот владин партнер на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и оцени дека разговорите кои ги пушта СДСМ се конструирани и монтирани. Претседателот на партијата Мендух Тачи порача и дека ќе ја продолжеле политичката борба против СДСМ и им порача дека во опозиција ќе биле и во наредните 50 години.

Според аналитичарот Алајдин Демири во врска со т.н. бомби на опозицијата двете најголеми партии на Албанците во Македонија од почетокот дејствувале уплашено, нешто што како што додава се сменило по осмото објавување на материјалите завчера во Универзалната сала.

Тие во овој момент не размислуваат директно на линија на политичката и моралната одговорност која ја имаат кај себе и сакаат да направат одреден договор со позицијата, претпоставувам, и во таа насока да може да се третира како пробен балон изјавата на Ермира Мехмети, која е некој компромис меѓу она што ДУИ го има како морална и политичка одговорност и она што е политичка прагма.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„ДПА излезе во офанзива против Заев објавувајќи некаков комплот на лидерот на ДУИ со Заев, дека со СДСМ се во вечно непријателство што во суштина преставува една промена на улогите на партиите. ДПА излезе како партија од власта, додека ДУИ уште се однесува како опозициска партија“, вели Демири, кој смета и дека партијата на Али Ахмети тактизирала и чекала дали опозицијата ќе објави нешто посилно за нив.

„ДУИ има нејасна позиција, уште се добива впечаток дека нешто калкулира, се комбинира до Заев, сметајќи дека таа ќе биде таа партија која во иднина треба да се смета за сите можни власт“, вели Демири.

Во меѓувреме и пратеничка од ДУИ Ермира Мехмети на социјалните мрежи излезе со мислење дека ако и Брисел најде начин да и помогне на Македонија да излезе од политичката криза, а тоа финишира со некоја преодна Влада, би требало премиерот на таа Влада да биде Албанец. Ваквата порака поврзана со преодната влада може да се толкува и како пробен балон на ДУИ, смета професорот Здравко Савески. Тој сепак нагласува дека сега секој што има учество во власта поради морална и политичка обврска треба да се повлече од неа бидејќи како што вели таа веќе не е легитимна.

„Тие во овој момент не размислуваат директно на линија на политичката и моралната одговорност која ја имаат кај себе и сакаат да направат одреден договор со позицијата, претпоставувам, и во таа насока да може да се третира како пробен балон изјавата на Ермира Мехмети, која е некој компромис меѓу она што ДУИ го има како морална и политичка одговорност и она што е политичка прагма“, вели Савески.

Во досегашните објави на опозицијата беа пуштени разговори на како што рекоа од СДСМ вицепремиерот за рамковен договор Муса Џафери и шефот на УБК Сашо Мијалков кон не предизвикаа толку силна реакција од ДУИ, како што предизвика од ДПА разговорот за кој се тврди дека е на Мијалков и Тачи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG