Достапни линкови

Нелегално преку граница за парче леб


Илустрација.
Илустрација.

Државјани на Албанија во Тетово бараат работа. Иако во земјата доаѓаат нелегално и се судираат со законот, велат дека тоа го прават за да преживеат.

Група од десетина мажи на различна возраст постојано има пред поштата во Тетово. Тоа се државјани на Албанија кои таму чекаат некој да дојде и да им понуди некоја физичка работа. Иако се судруваат со законите во Македонија тие редовно преку диви премини доаѓаат во градот за да заработат некоја дневница.

Нивните дневници, според досегашните сознанија на СВР Тетово, неретко се движат од 5 до 15 евра, зависно од видот и карактерот на работата.
Марјан Јосифовски, портпарол на тетовската полиција.

„Овие лица, обично за дневници пониски од вообичаените на македонскиот пазар на трудот работат на изградба на станбени или други помошни објекти, оградни sидови на дворовите околу куќи или на ниви, извршувајќи најразлични земјоделски задачи: товарење и транспорт на кабаста добиточна храна, собирање род од нивите и сличнo. Нивните дневници, според досегашните сознанија на СВР Тетово, неретко се движат од 5 до 15 евра, зависно од видот и карактерот на работата“, вели Марјан Јосифовски, портпарол на тетовската полиција.

Албанците не сакаат да зборуваат со новинари, ги избегнуваат средбите или поканите за разговор. Во полицијата објаснуваат дека тоа се должи на тоа што престојот тука им е нелегален. Голем дел до нив по неколку пати биле фатени како работат или ја преминуваат границата, но сепак повторно доаѓаат. На полицајците им кажувале дека се приморани на тоа поради тешката економска ситуација во Албанија каде не можат да најдат работа па ова им е единствениот начин да обезбедат пари за преживување.

„По откривањето, тие се изведуваат пред судовите на подрачјето, без исклучок им се изрекуваат законски предвидените глоби и забрани за влез во нашата земја, по што се депортираат во матичните земји“, објаснува Јосифовски.

Во текот на 2014 година на подрачјето на СВР Тетово откриени се вкупно 202 лица-државјани на Албанија кои нелегално престојувале и работеле, најмногу во селата во тетовско. Најголемиот број од нив, се без образование и стручни квалификации пред се од пограничните места како Кукс, Либражд и Дибр.

XS
SM
MD
LG