Достапни линкови

Време е за дела, а не само за убави зборови за евроинтеграција


Слушнавме многу прекрасни зборови за интеграцијата во Европската унија во последните години во оваа земја. Сега е време, сите политичари во оваа земја да го покажат ова со дела, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Помалку од две минути траеше обраќањето на амбасадорот на Европската унија во Македонија Аиво Орав на денешната конференција за новиот твининг проект што се одржа во Секретаријатот за европски прашања. Моите колеги ми подготвија говор за настанот, но тој е премногу технички за мене и нема да го читам, рече евроамбасадорот.

Слушнавме многу прекрасни зборови за интеграцијата во Европската унија во последните години во оваа земја. Сега е време, сите политичари, повторувам сите политичари во оваа земја да го покажат ова со дела.
Аиво Орав, евроамбасадор.

„Овој твиниг проект се однесува на европската помош на земјата за интеграција во Европската унија. Слушнавме многу прекрасни зборови за интеграцијата во Европската унија во последните години во оваа земја. Сега е време, сите политичари, повторувам сите политичари во оваа земја да го покажат ова со дела. Овде сме за да и помогнеме на вашата земја на вашиот пат кон Европската унија меѓутоа мора да видиме дека навистина тоа го сакате“, рече Орав.

Тој не сакаше да коментира дали се чувствува навреден од тоа што се слушна во телефонскиот разговор на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзниот колега Зоран Ставрески, што лидерот на СДСМ Зоран Заев го објави на прес конференцијата во понеделникот.

Тоа се многу сериозни наводи и ако тие се вистинити мора да има многу транспарентна и независна истрага.
Кристине Алтхаусер, амбасадорка на Германија во Македонија.

Во тој разговор за кој Заев тврди дека е автентичен, а дека на него се слушаат гласовите на двајцата министри, се разговора за случувањата околу општина Центар, улогата на полицијата, интересот на амбасадорот за случајот, а за него се употребуваат погрдни зборови. Заев претходно кажа и дека според снимките што ги имаат се прислушувани амбасадори од шест, како што рече, највлијателни земји и дека материјалите ќе им биле доставени.

„Тоа се многу сериозни наводи и ако тие се вистинити мора да има многу транспарентна и независна истрага. Ако Виенската конвенција за комуникација меѓу дипломатите е прекршена тоа секако се сериозни прекршувања. Повеќе не можам да кажам во моментов“, рече амбасадорката на Германија во земјава Кристине Алтхаусер, која нагласи дека се уште не добиле ништо од лидерот на опозицијата.

Според Виенската конвенција за дипломатските односи на која деновиве се повикуваат сите амбасади дипломатскиот персонал не смее да бидат прислушуван, дури и по налог на судиите.

Универзитетскиот професор по меѓународно право Беким Кадриу вели дека ако се потвдрат изјавите на Заев за прислушувањето амбасади како точни тоа ќе донесе големи политички последици на надворешен план.

„Ние веќе имаме политички реперкусии од аспекти на евроинтеграциите со овие прашања што веќе се изнесоа на виделина, меѓутоа ако има и такви случаи, тоа би значела уште поголема политичка криза и уште поголема политичка изолација за Република Македонија“, вели Кадриу

Инаку на денешниот настан на кој се презентираше твиниг проектот вреден 1, 7 милиони евра чија цел е понатамошно зајакнување на организациските и инстутуционалните капацитети за евроинтеграцијата присуствуваа и претставниците на амбасадите на Полска и на Хрватска но тие не ги коментираа последните случувања.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG