Достапни линкови

Иноваторите од внатрешноста во втор план?


Фехми Скендер, наставник во Општина Центар Жупа.
Фехми Скендер, наставник во Општина Центар Жупа.

Фехми Скендер од Општина Центра Жупа вели дека неговата иновација за далечинска лабораторија по физика е прва во нашава земја, но и во регионот, но сепак надлежните институции не се заинтересирани за нејзина примена. Тој смета дека иноваторите од внатрешноста постојано ја губат битката со своите колеги од Скопје и покрај тоа што имаат одлични иновации.

Иноваторите од внатрешноста на Македонија сметаат дека тие се маргинализирани во однос на примената на нивните иновации. Фехми Скендер од Општина Центра Жупа, кој е магистер по применета информатика, факултет завршил на Универзитетот во Коња во Република Турција, а магистрирал на универзитетот „Кирил и Методиј“, во Скопје, вели дека и покрај фактот што неговата иновација за далечинска лабораторија по физика е прва во нашава земја, но и во регионот, сепак надлежните институции не се заинтересирани за нејзина примена.

Ова е иновација од областа на образованието, каде се третира проблемот со далечното учење и се однесува на учениците кои не се во можност директно да учествуваат во експерименти, тие преку користење на интернет мрежа директно учествуваат во изведување експерименти по физика.
Фехми Скендер, наставник во Општина центар Жупа.

„Станува збор за далечинска лабораторија по физика. Според моите информации ова е прва иновација во оваа сфера како во земјата така и пошироко во регионот. Ова е иновација од областа на образованието, каде се третира проблемот со далечното учење и се однесува на учениците кои не се во можност директно да учествуваат во експерименти, тие преку користење на интернет мрежа директно учествуваат во изведување експерименти по физика“, вели Фехми Скендер.

РСЕ : Дали иновацијата е наменета за руралните средини ?

„Да, токму тоа е и мојата мотивација да го реализирам овој проект односно иновација. Како наставник работам во рурални училишта, каде што нема кабинети по физика и тоа беше основната мотивација. Моите познавања од информатиката и веб дизајнот ми помогнаа да оформам финална иновација“, вели Скендер.

Сметам дека ако не си во центарот, односно во Скопје, тогаш не можеш да дојдеш до примена на иновации. Негативно влијае животот во провинција во однос на пласманот на иновациите, но и се друго. За жал засега иновацијата ја користам самиот во училиштето каде работам.
Фехми Скендер, наставник во Општина Центра Жупа.

Фехми Скендер смета дека иноваторите од внатрешноста постојано ја губат битката со своите колеги од центарот и покрај тоа што имаат одлични иновации. Тој не сака да верува дека проблемот кај неговата иновација има етничка или верска димензија бидејќи цврсто е убеден дека и другите иноватори од внатрешноста во земјава ја имаат истата судбина.

„Сметам дека ако не си во центарот, односно во Скопје, тогаш не можеш да дојдеш до примена на иновации. Негативно влијае животот во провинција во однос на пласманот на иновациите, но и се друго. За жал засега иновацијата ја користам самиот во училиштето каде работам. Јас мислам дека Министерството за образование и наука треба да се заинтересира околу овие иновации кои се битни за спроведување во образованието. Ова е прва иновација од ваков карактер, а надлежните ја знаат. Ваквите иновации не се само моја придобивка, туку се и придобивка на оваа држава и образование. Една држава е силна ако образованието е силно“, вели тој.

Професор Скендер барем засега ја применува својата иновација во локалното училиште во центар Жупа „Мустафа Кемал Ататурк“, каде што и работи, но воедно размислува да им ја понуди на одредени образовни центри во земји од поширокиот регион.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG