Достапни линкови

Никој не ги чисти речните корита, а сите се жалат од поплавите


Поплави во битолско.
Поплави во битолско.

Во земјава со години ниту една влада не се погрижила за одржување на речната инфраструктура, а нечистите речни канали се главна причина за поплавите кои ја погодија Македонија изминатиот период.

Една од главните причини за поплавите кои настанаа во Македонија по дождовите е нередовното чистење на речните корита и каналите за наводнување, оценува пензионираниот професор на земјоделскиот факултет Борис Анакиев. Тој вели дека речната инфраструктура, каналската доводна и одводна инфраструктура не се помалку важни од патната инфраструктура, но во земјава со години ниту една влада не се погрижила за нејзино одржување.

Пред некоја година имаше популистички, пропагандни изјави, соопштенија, дека се чисти, дека се работи наголемо, испадна сега дека главните канали и главните реки што поминуваат низ тие региони се нечистени со години.
Борис Анакиев, универзитетски професор во пензија.

„Пред некоја година имаше популистички, пропагандни изјави, соопштенија, дека се чисти, дека се работи наголемо, испадна сега дека главните канали и главните реки што поминуваат низ тие региони се нечистени со години. Пелагонија во шеесетите години од минатиот век правеше одводен канал и од тогаш ништо не е направено, ништо не е исчистено“, вели професор Анакиев.

Поплави во Пелагонија.
Поплави во Пелагонија.

Тој вели дека институциите не водат соодветна политика за превенција од поплави и за развој на земјоделството.

Јас зборувам за нашата општина, на 9 и 10 канал кои не можат да се влеваат во Црна Река, бидејќи дното е многу повисоко и плус тоа имаме голем поврат на вода и тие канали ни ги прават поплавите.
Лазар Котевски, градоначалник на Општина Новаци.

„Има сериозни недоразбирања меѓу централната власт и локалните власти. Тој систем воопшто не е востановен, таму има некакви стари машини, од тука им се праќа нафта, па не стасала, една општа конфузија е.“

Цехот за таквата ситуација ќе ја плати целото македонско стопанство, вели Анакиев.

Една од најпогодените општини од поплавите беше општината Новаци во битолскиот крај.

Градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски, вели дека за подобрување на речната инфраструктура е неопходно да се исчисти коритото на Црна река кое 35 години не е исчистено, нивото е подигнато а со тоа е оневозможен целосен протек на вода.

„Јас зборувам за нашата општина, на 9 и 10 канал кои не можат да се влеваат во Црна река, бидејќи дното е многу повисоко и плус тоа имаме голем поврат на вода и тие канали ни ги прават поплавите. Исто така и чистење на секундарните канали кои ги имаме за наводнување и одводнување во полето кадешто имаме земјоделско земјиште.“

Котевски вели дека вакви поплави во тој регион не виделе од 1962 година и доколку коритата беа исчистени можеше да се ублажат последиците од поплавите. Тој објаснува дека чистењето на речното корито е во надлежност на Министерството за животна средина.

„Овие канали се под Водостопанство на Битолско поле, секундарните канали ни се оставени нас на општините, ние нив ги чистиме секоја втора година, ама при вакво доаѓање на вода секундарните канали кои се влеваат во 9 и 10 канал не можеа да ја соберат водата, и тука дојде до рушење на некои насипи и затоа и имавме и толкави поплави.“

Котевски вели дека на последната средба со кризниот штаб добиле ветување дека годинава ќе започнат со чистење на реката Црна.

Од поплавите беа погодени 3 илјади хектари плодно земјиште на земјоделци и околу 200 хектари со несобран есенски плод во Новаци. Грубата проценка на штета во оваа општина изнесува околу 3 милиони евра. На ниво на Македонија грубите проценки за штетите се неколку десетици милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG