Достапни линкови

Наставнички пленум за враќање на достоинството на наставникот


Биљана Димковска, Наставнички пленум.
Биљана Димковска, Наставнички пленум.

Неодамна се формираше и Наставнички пленум. Искуствата од училишната пракса, проблемите со кои се соочуваме секојдневно, последиците од несреќни изуми кои ги чувствуваме, сето тоа придонесе да се обединиме и заедно да дејствуваме за остварување на интересите на сите учесници во воспитно образовниот процес, вели наставничката Биљана Димковска од Наставнички пленум во разговор за Радио Слободна Европа.

Што го иницираше формирањето на Наставнички пленум?

Настаните со студентските протести, формирањето на Студентскиот и на Професорскиот пленум, штрајкот на наставниците во основното и во средното образование, а особено прекинот на штрајкот без да се исполнат барањата на членството, беа причина да се создаде Наставничкиот пленум. Тој претставува форма на здружување на сите наставници во Република Македонија за градење на стратегии за подобар и поквалитетен воспитно образовен систем и надминување на бројните проблеми со кои се соочува наставникот во секојдневната работа.

Пленумот е формиран пред три седмици и денес брои над 1.100 членови и секојдневно се приклучуваат нови. Преку оваа тело наставниците имаат можност да разменуваат информации, да прават анализи, да предлагаат решенија и да градат стратегии за надминување на одредени состојби и проблеми. Искуствата од училишната пракса, проблемите со кои се соочуваме секојдневно, последиците од несреќни изуми кои ги чувствуваме, сето тоа придонесе да се обединиме и заедно да дејствуваме за остварување на интересите на сите учесници во воспитно образовниот процес.

Кои се целите кои ги постави Пленумот пред себе?

Наставничкиот пленум има за цел враќање на достоинството на наставникот и заштита на интересите на ученикот, особено во делот на вреднување и оценување на постигнувањата на ученикот. Интересите на родителите кои се директно засегнати со новите законски измени и можноста за легитимирање на оценката од екстерно оценување во официјалните документи, свидетелствата. Наставникот има професионална, морална и етичка одговорност да се спротивстави на законски решенија кои на кој било начин му нанесуваат штета на ученикот, на наставникот или неповолно влијаат на воспитно-образовниот процес. Наставничкиот пленум се залага за унапредување на воспитно образовниот систем во делот на наставните планови и програми, настава и учење, професионален и кариерен развој на наставникот, евалуација, вреднување на постигнувањата на учениците, вреднување на работата на наставникот и соработка со родители, тоа се нашите цели кои ги поставивме пред нас.

Кои активности ќе ги преземете за да ги спроведете тие цели?

Пред сè формирање на работни групи и координативни тела по општини и по училишта, вклучување на секој член кој се чувствува подготвен и има желба да се приклучи на работните групи со свој придонес. Самоорганизирање и делување на координативните тела на наставниците во согласност со заедничките цели и насоки во координација со други тела. Темелна анализа на проблемите во секојдневната училишна пракса. Длабока компаративна анализа со другите европски образовани системи за начинот на осмислување и реализирање на екстерното тестирање и импликациите на резултатите од екстерните тестирања врз учениците и наставниците. Целосна ревизија на прашањата за создавање на национален тест, екстерен, барање модел кој ќе ги исполнува научните законитости и ќе биде во согласност со насоките дадени од Биро за развој на образование со примена на Блумовата таксономија за оценување по нивоа на знаење. Ревизија на системот на професионален и кариерен развој на наставниците кој не смее да биде поврзан со резултатите од екстерното тестирање и пред сè отворање на широка, јавна дебата во која ќе земат учество сите стручни лица од сите нивоа на образовниот систем кои се учесниците во образовниот процес, ученици, родители, граѓански здруженија, асоцијации кои можат да дадат сопствен придонес кои можат да дадат сопствен придонес кон креирање на образовни политики заснова врз принципот на демократско образование.

Со кои проблеми се судрувате како наставник?

Веќе 22 години како работам како наставник, значи проблемите во секојдневната училишна пракса се бројни: неповолни техничко-материјални услови, отсуство од опремени кабинети, библиотеки, обременети наставни планови и програми, отсуство на учебници по одделни предмети, адаптирани учебници според други предмети, лошо адаптирани или неадаптирани. Лошо осмислен проект на екстерна проверка на знаењата на учениците, примена на уникатен модел на вреднувања и оценување на учениците, кој директно влијае на успехот на учениците, единствен во свет модел на казнување на наставниците поврзан со резултатите од еден тест од триесет прашања, професионален развој на наставниците врз основа на програми од странство, кариерен развој на наставниците повторно сврзан со резултатите од екстерниот тест. Администрација која секојдневно го оптоварува наставникот до степен на неиздржливост, носење закони од областа на образованието без учество на практичарите. Сето тоа битно влијае врз секојдневната училишна пракса во која наставникот под притисок реализира настава губејќи се во бирократскиот апарат, оневозможен да ја врши својата работа, да поучува.

Кои се вашите предлози за поправање на состојбите?

Пред сè за враќање на доверба во системот неопходно е ставање мораториум на Законите за основно и за средно образование, оние закони кои штотуку беа изгласани, додека не се донесат нови законски решенија во кои ќе учествуваат и практичарите и тоа во услови на широка јавна дебата. Понатаму целосно укинување на казните и наградите кои произлегуваат од резултатите од екстерното тестирање на учениците. Да се направи длабоко компаративна анализа со другите европски образовни системи на начин на осмислување и реализација на екстерното тестирање. Целосна ревизија на начинот на кој се спроведува националниот тест кој ќе ги исполнува научните законитости и ќе биде во согласност со насоките дадени од Бирото за развој со примена на Блумовата таксономија. Резултатите од екстерното оценување на сметат да се одразат врз крајниот успех на учениците и да го оштетат ученикот на кој било начин, тие треба да служат како показатели и да бидат одредени насоки за одредување на слабостите, детектирање на слабостите на одредени состојби во образовниот систем и појдовна основа за креирање на нови стратегии за развој на образовните процеси. Целосно да се ревидира системот на професионален и кариерен развој на наставникот, тој не смее да биде поврзан со резултатите од екстерното, намалување на училишна администрација, особено на водење двојна администрација во пишана и во електронска форма. Јакнење на улогата на Бирото за развој на образованието, јакнење на советодавната улога на надлежните институции, а намалување на надлежностите на инспекциските органи. Само образование засновано на принцип на доверба може да создава одговорни граѓани свесни за својата улога во општеството. Понатаму изготвување на акредитирани програми за стручно усовршување на наставниот кадар како основа за континуиран професионален развој на наставниците и јакнење на наставничките компетенции за реализирање на настава во 21 век. Изготвување нови наставни планови и програми според кои учениците нема со одбивност да го посетуваат училиштето, туку со интерес ќе учествуваат во наставниот процес. Само образовниот систем кој е заснован врз демократски вредности може да ја исполни задачата заради која постои, правење одговорни луѓе подготвени за живот во новиот милениум, луѓе кои ќе го градат својот живот, но и ќе работат за општо добро во општеството.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG