Достапни линкови

Во Минск надеж за мир во Украина


Лидерите на Украина, Русија, Германија и Франција усвоија документ на нивните разговори за решавање на кризата во Украина кои во Минск траеја целата ноќ. Се предвидува примирје кое треба да стапи во сила на 15 февруари и повлекување на тешкото оружје.

Тензичниот состанок на лидерите на Украина, Русија, Германија и Франција во Минск траеше шеснаесет часови.

На состанокот во главниот град на Белорусија, Владимир Путин, Петро Порошенко, Ангела Меркел и Франсоа Оланд одржале серија разговори зад затворена врата околу планот за ставање крај на 10-месечните борби во источна Украина. Според оценките тоа беше последна шанса за мир.

Во усвоениот документ под наслов „Пакет мерки за имплементација на договорите од Минск“ страните се согласуваат на 15 февруари да стапи во сила прекин на огнот, да се повлече тешкото оружје и да се формира безбедносна зона.

Страните се согласуваат на 15 февруари да стапи во сила прекин на огнот, да се повлече тешкото оружје и да се формира безбедносна зона.

Исто така се предвидува Украина да ја преземе целосната контрола на границата со Украина до крајот на оваа година и повлекување странското оружје и војници.

До крајот на годинава Украина треба да спроведе реформи во Уставот во кои ќе биде вклучена децентрализација на регионите околу Доњецк и Луганск, а Киев ќе треба да ги продолжи и економските врски со истокот.

Овој документ бил потпишан од лидерите на проруските сепаратисти.

Еден од главните проблеми беше за тоа колкава територија ќе остане под контрола на сепаратистите, откако тие во последниве недели почнаа да напредуваат што беше спротивно на договореното во минатиот септември во Минск.

Изгледите за напредок на состанокот беа под сенката на продолжувањето на борбите во источна Украина каде што од почетокот на конфликтот во април минатата година, досега загинале околу пет ипол илјади луѓе.

Вашингтон деновиве отворено почна да зборува и за вооружување на Украина со цел да се одбрани од, како што се наведува, руската агресија.

Овој конфликт ги зголеми изгледите и за таканаречено прокси војување во срцето на Европа меѓу непријателите од Студената војна, односно конфликт во кој директно не се вклучени големите сили.

До самитот во Минск дојде по предлог од Германија и Франција.

За време на одржувањето од украинска страна беше оценето дека разговорите меѓу лидерите биле своевидна војна на нерви.

Претходно претседателот на Украина Петро Порошенко изјави дека без деескалација на конфликтот и без прекин на огнот ситуацијата ќе излезе од контрола.

Резултатот од разговорите во Минск се очекува да има влијание и врз дискусиите на денешниот самит на Европската унија во Брисел кога на агендата се санкциите против Москва.

Киев и НАТО ја обвинуваат Русија за снабдување на проруските бунтовници со оружје.

Москва отфрла дека е вклучена во борбите за територија во како што претседателот Путин ја нарекува Нова Русија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG