Достапни линкови

Случајот Кежаровски во фокусот на неделниците


Неделникот Фокус му посветува два текста на Кежаровски, Глобус пишува и за новинарот, но и воопшто за загрозувањето на слободите во земјата, а Република се занимава со најновиот извештај за авионската несреќа на претседателот Трајковски.

Во два текста, „Што по случајот Кежаровски“ и „Му одмерија казна, но не ја утврдија вистината“, или „За правните пропусти во случајот Кежаровски“ и за матните игри на правосудството, пишува најновото издание на Фокус.

Фокус - Продолжува крвавиот пир

„Продолжува крвавиот пир“, одговара на првото прашање авторот на анализата во неделникот кој предвидува дека, откако ќе стивнат работите со затворениот па пуштен на слобода новинар, власта ќе продолжи на слободните медиуми и новинари да им одмерува драконски казни за клевета, да ги удира по џебот со данокот за хонорарите, да ги отпишува како предавници, грчки платеници и државни непријатели, јавно да ги жигосува и шиканира, а ако треба некого и ќе уапси, се разбира, за кривично дело што „нема врска“ со слободата на говорот. Фокус смета дека од ваквата намера власта нема намера да се откаже и дека токму затоа, борбата за слобода ќе треба да продолжи, можеби со поголем елан, отколку тој за случајот Кежаровски.

Глобус - Списокот на ликвидации е отворен

И он-лајн магазинот Глобус пишува за состојбите на задушување на слободата на говор и на слободите воопшто во Македонија, наведувајќи дека со процесот „Ликвидација“ диктатурата блесна во полн сјај во светски рамки и дека оствари светски рекорд: за само пет години, за 89 места го урна рејтингот на Македонија на ранг листата на Репортери без граници. Аферата Кежаровски е монструозна надградба на овој застрашувачки светски рекорд, а каква ќе биде следната ликвидација не е тешко да се претпостави - пишува авторот на колумната во Глобус, за да наведе дека талентираните ликвидатори почнаа зачестено, речиси постојано, отворено и насилнички да посегаат кон самоволие, закани и сила за да ја спроведат својата волја. Покрај насилното исфрлање на пратеници и новинари од Собранието, долгата листа деновиве е надополнета со насилничко воведување државен испит, со закон за ново ограбување и осиромашување на хонорарците, со партиско-државно задушување на штрајкот на просветарите... Списокот на ликвидации е отворен, предупредува Глобус.

Република - Волци во јагнешка кожа

Република со четириесетина редови информира за пуштањето на слобода на новинарот Кежаровски, а вниманието на уводничарот е свртено кон најновиот извештај за авионската несреќа на претседателот Трајковски. Во текстот со наслов: „Волци во јагнешка кожа“, неделникот загатнува дека одредени структури на моќ и во Македонија и во БиХ стануваат сè понервозни и се обидуваат на секаков начин да ја минимизираат вредноста на новиот извештај. Кој сè не сака да се дознае вистината не знаеме, наведува Република, но први на листата секако се оние што се одговорни за пропустите што довеле до падот на кингерот, а веднаш зад нив се тие што ја криеја вистината сиве овие години.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG