Достапни линкови

Штрајкувачите штрајкуваат, штрајкбрехерите држат настава


Илустрација.
Илустрација.

Синдикатот за образование вели дека 30 илјади нивни членови штрајкуваат, но состојбата на терен покажува дека во некои училишта и градинки не се штрајкува.

Триесет илјади членови на СОНК одат на работа, но не ги извршуваат своите работни задачи, велат од Синдикатот, но состојбата на терен покажува дека во некои училишта и градинки не се штрајкува.

Секаде се одржува штрајкот, класично се штрајкува, вработените се во канцеларии, а за прифаќање на децата грижа води директорот.
Весна Неделковска, генерален секретар на СОНК.

Од СОНК велат дека тоа што има настава во некои училишта е резултата на притисоците од надлежните, кои претходно соопштија дека за наставниците кои сакаат да штрајкуваат ќе бидат обезбедени замени за тоа време и дека наставниците нема да земаат плата.

Јаким Неделков, претседателот на СОНК, изјави дека и покрај притисоците, второто полугодие денеска не започна и оти штрајкот продолжува и во наредните денови.

„Штрајкот одлично се одвива во најголем дел. Сето тоа што градоначалниците го изјавуваа на телевизија дека во нивните општини ќе нема штрајк во огромен процент за наша среќа, за нивна несреќа тоа не е изреализирано. Се додека не постигнеме задоволителни резултати од преговорите со ресорните министерства, каде се надевам дека ќе не повикаат наскоро, се дотогаш ќе биде штрајкот.“

За најавите дека наставниците кои штрајкуваат нема да земаат плата, генералниот секретар на СОНК, Весна Неделковска, вели дека не веруваат дека реално може да се обезбедат заменски наставници.

„Во колективниот договор стои дека ако се штрајкува за необезбедено право, тогаш нема прекинување на платата, нема да го прекинеме штрајкот, ако евентуално таква работа се направи“, вели Неделковска.

Според информациите од терен во Општината Карпош, некои наставници држат настава, некои штрајкуваат. Во Кисела Вода поголем дел од наставниците се на настава, додека штрајкуваат поголем дел од наставниците во Тетово.

Љатиф Исамили, наставник од Тетово, вели дека и да не земаат плата поради тоа што штрајкуваат, тоа не им ја менува многу ситуацијата.

„Веројатно нема да имаме плата за јануари, меѓутоа и таа плата што ја земаме ние и тоа е како помош, тоа нема да не плаши и ние ќе ја тераме работата до крај“, вели тој.

Во изминатите неколку денови по медиуми излегоа разно-разни членови кои не ја поддржуваат одлуката на Советот на СОНК, изразија незадоволство од раководството на СОНК, од претседателот на СОНК итн., и кажаа дека нема да го поддржат штрајкот. Излегоа и најголемиот број градоначалници на општините во Македонија. За Синдикатот тоа е доказ дека се соочија со жестоки притисоци.

Од СОНК бараат зголемување на платите за 25 отсто, укинување на паричните казни за наставниците според резултатите од екстерното тестирање, рационализација на педагошката администрација, примена на коефициентите по колективен договор во градинките.

Од Министерството, за покачувањето на платите изјавија дека тоа веќе е реализирано, а дека другото покачување ќе зависи од буџетските политики, а за екстерното оценување дека не отстапуваат, но дека се спремни да преговараат.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG