Достапни линкови

СОНК: И покрај притисоците, штрајк ќе има


Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура, СОНК.
Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура, СОНК.

Второто полугодине нема да започне, затоа што наставниците од утре стапуваат во генерален штрајк, велат од СОНК. Изминатите неколку денови , пак, наставници и градоначалници по медиумите изјавуваа дека не ја поддржуваат одлуката на Советот на СОНК.

Од СОНК остануваат на одлуката утре да штрајкуваат со бојкот на наставата на првиот ден од второто полугодие од учебната година. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека одлуката за штрајк ја донел советот на Синдикатот и само тој може да ја промени, а во меѓувреме нема ништо променето во позитивна смисла во изнаоѓање заеднички прифатливи решенија со надлежните министерства. Според него, неспорен е фактот оти се соочуваат со жестоки притисоци.

Без разлика на тоа уверен сум дека најголем дел од нашето членство, ќе излезе во текот на утрешниот ден, односно со отпочнување на работното време ќе влезе во генерален штрајк.
Јаким Неделков, претседател на СОНК.

„Сведоци сме дека во изминатите неколку денови по медиуми излегоа разно-разни наши членови кои не ја поддржуваат одлуката на Советот на СОНК, изразија незадоволство од раководството на СОНК, од претседателот на СОНК итн., и кажаа дека нема да го поддржат штрајкот. Згора на тоа излегоа и безмалку сите градоначалници на општините во Македонија, кои исто така со нивните изјави влијаат врз наши членови, без разлика на тоа уверен сум дека најголем дел од нашето членство, ќе излезе во текот на утрешниот ден, односно со отпочнување на работното време ќе влезе во генерален штрајк.“

Наставникот во основното училиште Алија Авдовиќ во село Батинци, Владо Димовски, вели се договориле да штрајкуваат.

„Во текот на утрешниот ден ние ќе бидеме на своите работни места и ќе чекаме инструкции понатака што и како ќе се сличува.“

Во текот на утрешниот ден ние ќе бидеме на своите работни места и ќе чекаме инструкции понатака што и како ќе се сличува.
Владо Димовски, наставник.

Наставникот во основното училиште Наим Фрашери во
Куманово, Етем Џељадини вели дека штрајкот треба да се поддржи.

„Мислам дека има потреба од штрајк, затоа што платата на наставниците е многу скромна, немаат ни услови за работа и овие промени кои сега ги прави Министерството за образование мислам дека сето тоа оди на штета на просветните работници.“

Неделков најави тужби за градоначалниците кои во медиумите изјавуваа дека нема да се штрајкува, бидејќи тие немаат право да се мешаат во слободното организирање и делување на синдикатите.

„Кривичниот законик тоа го третира и вели дека се предвидени затворски казни за оние кои го попречуваат организирањето и спроведувањето на штрајкот. Со изјавите на градоначалниците многу јасно се дава на знаење дека штрајк ќе нема што е спротивно на законот, тие не смеат да даваат такви изјави. Изјави може да даде само овластениот од Синдикат којшто донел таква одлука.“

Од СОНК бараат зголемување на платите за 25 отсто, укинување на паричните казни за наставниците според резултатите од екстерното тестирање, рационализација на педагошката администрација, примена на коефициентите по колективен договор во градинките.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG