Достапни линкови

Студентска порака – Универзитетот е наш!


Студентите уште еднаш рекоа гласно „НЕ“ за реформите во високото образование. Ако Собранието го усвои законот, тие најавуваат други помоќни методи за да се чуе нивниот глас.

Ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме, порачаа денеска од Студентскиот пленум доколку бидат усвоени предлог измените во Законот за високо образование за време не перформасот пред Собранието. Тие уште еднаш порачаа гласно „НЕ“ за реформите во високото образование.

Ги прашувам министерот и владата дали да си носиме партиска книшка и на полагање на испитот или само на интервју за работа?
Ана Нешовска, Студентски пленум.

​Ана Нешовска од Студентски пленум пред насобраната толпа рече дека никој не го оспорил нивниот аргумент, оти законот грубо го крши Уставот на Македонија.

„Ако законот се донесе, еве уште утре можеме да ги распуштиме Универзитетите и диплома да добиваме од господинот Адеми лично, откако ќе ни постави пет квиз прашања. Ги прашувам министерот и владата дали да си носиме партиска книшка и на полагање на испитот или само на интервју за работа?“, вели Нешовска.

Таа додаде дека не го даваат Универзитетот.

„Овој протест денеска е симболичен. Знаеме дека институциите пред кои стоиме се трули. Имаме само една порака – Универзитетот е наш и повотрно ќе го преземеме. Дајте да продише граѓанскиот активизам. Има живот и надвор од партија!“, рече Нешовска.

Собранието е „местото на злосторството“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:04 0:00

Бојан Матовски од Студентски пленум вели дека ако се изгласа законот ќе бидат принудени да преминат на вонинституционални и институционални методи.

Не може да се полемизира, да се води дилема со никого за противуставна дилема. Точно е дека владата носи голем товар за оваа реформа, меѓутоа по мое лично гледање, поголема вина за оваа ситуација во Македонија сноси Уставниот суд.
Елена Градишки Лазаревска, универзитетски професор.

„Бидејќи сметаме дека кога би продолжиле со овој начин на демонстрации, тогаш ќе продолжи истата приказна и повторно нема да бидеме чуени, меѓутоа ако искористиме некои методи како окупација на јавни простори и бојкот на формалниот курикулум, сметаме дека таа метода ќе биде многу подобра, бидејќи сама по себе е многу помоќна и ќе биде неизбежно да бидеме чуени“, вели Матовски.

Професор Елена Градишки Лазаревска од Правниот факултет Јустинијан први вели дека се работи за реформа која е против Уставот.

Јас воопшто не се заморувам со бирократијата, битна ми е енергијата која ја давам овде во овој протест, битно ми е поддршката да се даде и да останеме заедно до крај.
Ѓоко Здравески, поет.

„Не може да се полемизира, да се води дилема со никого за противуставна дилема. Точно е дека владата носи голем товар за оваа реформа, меѓутоа по мое лично гледање, поголема вина за оваа ситуација во Македонија сноси Уставниот суд, поради тоа што не смогна сила да покаже респект кон начелото на легалитетот на кое почива секоја држава коај претендира на правна држава“, вели таа.

Поетот Ѓоко Здравески, еден од граѓаните кој беше присутен на перформансот, рече дека дошол затоа што е засегнат и го боли сето тоа што се случува со години и порача дека мора да бидат гласни.

„Ќе продолжиме со борбата, јас воопшто не се заморувам со бирократијата, битна ми е енергијата која ја давам овде во овој протест, битно ми е поддршката да се даде и да останеме заедно до крај“, вели Здравески.

Студентите на крајот ги повикаа сите да дојдат на симболичното погребување на високото образование на местото на злосторството, односно пред Собранието, чиј организатор е Професорскиот пленум. На денешен дневен ред на пелнарната седница на Собранието, меѓу другото е ставена и точката за предлог измените во Законот за високо образование.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG