Достапни линкови

Основците споро читаат


Меѓународните стандарди предвидуваат учениците на крајот на второ одделение да читаат од 45 до 60 зборови во минута, а на крајот на третото одделение до 90 зборови во минута. Македонија е под овие стандарди, бидејќи оние во второ одделение читаат до 40 зборови во минута, а тие во трето од 65 до 72 зборови во минута.

Според меѓународните стандарди за проценка на јазична и математичка писменост кај учениците во основните училишта, предвидено е на крајот на второ одделение да читаат од 45 до 60 зборови во минута, а на крајот на третото одделение до 90 зборови во минута.

Оние резултати кои ние ги добивме покажуваат дека нашите ученици не се толку лоши како учениците да речеме во земјите во Африка, во Јужна Азија и слично, меѓутоа од друга страна не си ни толку добри колку, да речеме, учениците од САД.
Викторија Димитриовска, УСАИД.

Нивото на учениците во Македонија е под овие стандарди, бидејќи оние во второ одделение читаат до 40 зборови во минута, а тие во трето од 65 до 72 зборови во минута. Вакви се резултатите од проектот на УСАИД во Македонија, насловен „Со читање до лидерство“ преку кој треба да се подигне квалитетот на јазичните и математичката вештини кај децата, а чии резултати се добиени преку проценка на вештините на околу 2000 ученици од 42 училишта во земјата.

„Оние резултати кои ние ги добивме покажуваат дека нашите ученици не се толку лоши како учениците да речеме во земјите во Африка, во Јужна Азија и слично, меѓутоа од друга страна не си ни толку добри колку, да речеме, учениците од САД, бидејќи постојат некои меѓународни стандарди според коишто се мери колку учениците оптимално би требало да читаат на крајот од дадено одделение“, вели Викторија Димитриовска од УСАИД, која е координатор за проценка на јазичната и математичката писменост кај децата.

Сите овие работи ги правиме со надеж дека тие ќе придонесат барем малку за подигање на свесноста за важноста на овие прашања и на раното описменување.
Ана Димовска, УСАИД.

Развивањето на основните вештини по мајчин јазик и математичка во раната возраст се важни за во понатамошното образование младите да немаат тешкотии во совладувањето на посложените материи. За тоа тие треба добро да се оспособат да комуницираат усно и писмено и да ја разбираат и употребуваат математиката во понатамошното учење и во секојдневниот живот.

Во оваа насока преку проектот на УСАИД на учениците ќе им биде обезбедена библиотека на тркала, електронска библиотека со материјали соодветни за возраста на учениците, а во процесот ќе бидат вклучени нивните родители и наставниците кои треба да ги зајакнат своите педагошки вештини за во иднина подобро да го оценуваат нивото на писменост кај децата.

„Сите овие работи ги правиме со надеж дека тие ќе придонесат барем малку за подигање на свесноста за важноста на овие прашања и на раното описменување и не тоа колку сите ние, не само наставниците, родителите, туку и сите останати членови на семејството, па и на пошироката заедница можат да придонесат во описменувањето и во подигање на љубовта децата, кај најмладите ученици, кон мајчиниот јазик и кон математиката“, вели Ана Димовска, информатор за комуникација и информирање во проектот.

Во повеќе европски држави се изработени национални стратегии за подобрување на јазичната и математичката писменост кај децата. Во овие стратегии е посочено дека без овие вештини младите не можат да учествуваат во многу аспекти од животот, општеството и културата во која живеат. Без тие вештини потешко е учеството во високото образование, а можностите за вработување се помали. Резултатите од проектот на УСАИД му биле презентирани и на Министерството за образование и наука, а министерот, Абдилаќим Адеми, како што велат од организацијата, бил воодушевен што постои ваков проект.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG