Достапни линкови

Масакр во училиште во Пакистан


Талибанци нападнале училиште во Пешавар, при што убиле над 100 деца.

Најмалку 130 лица, повеќето деца, се убиени во нападот врз училиште во пакистанскиот град Пешавар. Во нападот има повеќе од 100 повредени. Властите соопштија дека во акцијата по нападот биле убиени сите шестмина напаѓачи.

Одговорноста за нападот ја презедоа талибанците, соопштувајки дека бил одмазда за воените операции на пакистанската армија во Северен Вазиристан.

Дописникот на Радио Слободна Европа јави дека нападот врз военото јавно училиште започнал изутрината и оти се слушале експлозии и престрелки. Во моментот на нападот, во училиштето имало околу 500 ученици и наставници.

Возачот на училишниот автобус изјави дека ненадејно започнала престрелка, по што настанал хаос и се слушале пискотници на деца. Еден од наставниците пак за локалната телевизија изјави дека до нападот дошло во момент кога во училиштето се одржувала настава, а оти армијата, по нападот, започнала акција против напаѓачите од училница до училница.

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф оцени дека масакрот во училиштето во Пешавар е национална трагедија. Тој прогласи тридневна жалост во земјата, а по пристигнувањето во Пешавар изјави дека Пакистан ќе продолжи со борбата против тероризмот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG