Достапни линкови

Oткуп на дворови за едно евро квадрат и стотици евра за документи


Владата стана како приватните компании кои ги кажуваат само деловите кои се во интерес на граѓаните, а не го кажуваат другиот дел со мали букви, вели професор Биљал Kасами.

Денеска истекува рокот во кој граѓаните ја користат последната шанса за да си го откупат дворното место. Цената е едно евро по квадрат, но според експертите крајниот есап не е онаков како што излегува според првичните проценки.

Владата стана како приватните компании кои ги кажуваат само деловите кои се во интерес на граѓаните, а не го кажуваат другиот дел со мали букви.
Биљал Касами, универзитетски професор.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека е позитивно овој процес на трансформација на земјиштето конечно да се заврши, но истакнува дека цената за откуп би требало да биде уште помала.

„Таа треба да биде една симболична цена, бидејќи на еден голем дел на граѓани им доаѓа по двапати да го плаќаат земјиштето, и кога го купиле и во оваа ситуација, така да сметам дека цената требаше да биде симболична “, вели Најдовски.

И професорот Биљал Касами вели дека цената од едно евро е повеќе реклама, отколку што е реалност. Кога ќе навлезете во процесот на реализација на ова право, ќе се соочите со доста ограничувања кои не им одат во прилог на граѓаните, предупредува Касами.

Настојува по секоја цена да ги пополни празните дупки во буџетот на државата, особено сега кога е крајот на годината и кога се гледа дека се далеку остварувањата од проектите за приходите за буџетот.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Владата стана како приватните компании кои ги кажуваат само деловите кои се во интерес на граѓаните, а не го кажуваат другиот дел со мали букви, не кажуваат дека тоа е само за одредена квадратура на дворот, а не за целиот двор што го поседуваат граѓаните“, изјави Касами.

Најдовски и Касами велат дека оваа мерка е една од низата популистички владини политики со кои се полнат празните дупки во државната каса.

„Настојува по секоја цена да ги пополни празните дупки во буџетот на државата, особено сега кога е крајот на годината и кога се гледа дека се далеку остварувањата од проектите за приходите за буџетот на Република Македонија.“

„Владата, особено сега со намалувањата на цената на горивата, кога знаеме колку проценти од тоа се давачки на државата, ќе бара понатаму и други можности како да се полни буџетот, особено во време кога имаме предимензиониран буџет“, вели Касами.

Од Катастарот соопштуваат дека интересот за поднесување барања е зголемен во последните неколку дена и оти дневно се поднесувале и над 1000 барања.

Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека очекува десетици илјади граѓани да ја искористат оваа шанса и да го откупат своето дворно место, кое како што рече понатака ќе може да се користи за надградба, за доградба на куќите за хипотека ако треба да земат кредит во банка и слично.

Инаку досега неколку пати се пролонгираше рокот за откуп на дворните места. Тие што нема да го приватизираат земјиштето до денеска ќе бидат обврзани да и плаќаат закупнина на државата.

Барањата за откуп се поднесуваат во подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи во општините. Граѓаните треба да достават фотокопија од лична карта, доказ за корисничко право над земјиштето и имотен лист.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG