Достапни линкови

Осум деца без покрив на главата и без помош


Дванаесетчлено семејство од кои 8 се деца, стравува како ќе ја поминат зимата бидејќи на 5 декември поради дожд им се урна кровот од куќата. Надлежните засега им даваат само 1.500 евра во градежни материјали да го обноват домот. Нема други од владините социјални мерки.

Членовите на семејството Ристовски од тетовското село Сиричино живеат во неизвесност дали ќе се реализира најавената институционална помош околу санирање на нивната куќа. Поради обилните дождови падна покривот и уништи голем дел од куќата па браќата Велко и Борче кои имаат по пет и по три деца останаа без свој дом.

Да се помогне што побргу затоа што зима доаѓа. Децата се мали, не можам да ги оставам на улица.
Велко Ристовски.

„После катастрофата јас си живеам кај соседите. На друго место немам каде. Ама кај соседите не можам да живеам со месеци, туку ден, два три. Ако може државата да помогне да излезе во пресрет бидејќи куќата е пропадната. Да се помогне што побргу затоа што зима доаѓа. Децата се мали, не можам да ги оставам на улица“, вели Велко Ристовски.

„Преку ден, одиме кај куќата, има ќумбе, да направиме за јадење нешто. Навечер спиеме кај соседите. И додека сме во куќата со страв неколку саати седиме и одиме пак кај комшиите им досаѓаме.“

Од Министерството за труд и социјала е најавена еднократна помош и тоа во висина од 30 илјади денари и очекувам тоа семејството да го употреби за градежни материјали.
Tони Коцевски, градоначалник на Општина Јегуновце.

Заедно со семејството Ристовски стапивме во контакт со Министерството за труд и социјала, со оглед дека останаа без дом, а станува збор за многудетно семејство побаравме помош да дојде преку неколкуте владини мерки како што е акцијата „Топол дом”, преку која се обезбедува покуќнина или пак материјална помош поради големиот број деца.

Немаше одговор од Министерството дали можат да помогнат преку некои од тие мерки. Не упатија да се обратиме до општината Јегуновце и тетовскиот центар за социјална работа. Градоначалникот Тони Коцевски најави дека ќе има помош, но само за градежни материјали.

„Општина Јегуновце ги алармираше сите релевантни институции. Најпрвин Министерството за труд и социјала и од таму е најавена еднократна помош и тоа во висина од 30 илјади денари и очекувам тоа семејството да го употреби за градежни материјали. Исто така на седница на Совет на општина Јегуновце се донесе одлука еднократно да се помогне семејството со 60 илјади денари истотака градежни материјали. Ќе се обидеме со сите правни субјекти што ги имаме во општината да обезбедиме дополнителна помош за да се создадат основни услови за домување“, изјави Коцевски.

Покрај немањето дом браќата Велко и Борче и претходно се мачеле за егзистенција, бидејќи се без постојана работа. Работат градежни или друг вид сезонски работи, па затоа стравуваат како ќе ја поминат зимата.

XS
SM
MD
LG