Достапни линкови

Македонија не треба да стане нов замрзнат конфликт


Верувам дека во минатото постоеја временски прозорци кога прашањето за името можеше да се реши, но тие се веќе испуштени, рече поранешниот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит.

Македонија ја гледам како членка на Европската унија и нема подобра опција за нејзиниот народ таа да биде таму што поскоро и без одложување, порача новиот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл.

Првата порака што веќе ја пратив минатата недела на конференцијата на шест министри за надворешни работи во Брисел е дека не гледам ниту една причина да не се отворат преговорите за Македонија.
Иво Вајгл, нов известувач за Македонија во Европскиот парламент.

„Првата порака што веќе ја пратив минатата недела на конференцијата на шест министри за надворешни работи во Брисел е дека не гледам ниту една причина да не се отворат преговорите за Македонија. Апсолутно е неприфатливо комисијата да даде шест препораки за почеток на преговори, а ништо да не се случи“, изјави Вајгл.

Според него треба веднаш да се почнат преговорите, односно да се отворат некои поглавја и да се види како во меѓувреме прашањето за името ќе се реши во духот на подобра позиција од сегашната. Запрашан за тоа на што го темели оптимизмот дека овој предлог ќе биде поуспешен, ако се има предвид дека оваа идеја на поранешниот еврокомесар Филе не вроди со плод, Вајгл одговори.

Верувам дека во минатотопостоеја временски прозорци кога прашањето за името можеше да се реши, но тие се веќе испуштени. Но верувам дека ако пак се појават земјата, не само Владата, туку и луѓето ќе можат да ги искористат тие можности.
Ричард Ховит, поранешен известувач за Македонија во Европарламентот.

„Не сум сигурен дека ќе постигнам подобар и поголем успех во вршењето на притисок за ова прашање, но се надевам дека со помош на Ричард Ховит ќе успееме да направиме притисок во Европскиот парламент токму за прашањето за почнување на преговорите. Затоа што се случува една неправда, а неправди не треба да има“, рече Вајгл.

Поранешниот известувач за Македонија во Европарламентот, Ричард Ховит, пак се збогува од досегашната функција, но истакна дека ќе продолжи да биде известувач во сенка и ќе му помага на Вјгел во успешно спроведување на мандатот. Во своето обраќање пред јавноста тој рече дека намерите на Европската Унија се искрени и дека тој не би сакал оваа земја да е нов замрзнат конфликт, туку дека таа треба да биде во границите на Унијата.

„Верувам дека во минатото постоеја временски прозорци кога прашањето за името можеше да се реши, но тие се веќе испуштени. Но верувам дека ако пак се појават земјата, не само Владата, туку и луѓето ќе можат да ги искористат тие можности. Предупредив против какво било назадување, побарав да се почитува духот на Охридскиот рамковен договор. На политичките партии им реков да ги решат сопствените разлики и да ги стават националните интереси пред партиските“, рече Ховит.

Ховит апелираше до граѓаните да ја задржат вербата во европската иднина за да го уживаат мирот и стабилноста како и другите земји членки на Унијата.

Истакнувајќи дека дипломатите се тука за да ги решаваат проблемите, а не да ги креираат, Вајгл истакна дека никогаш нема да го користи терминот ФИРОМ кога ќе зборува за нашата земја, но исто така додаде дека планира да ја посети Грција и дека е заинтересиран да ги слушне нејзините аргументи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG