Достапни линкови

Точните и релевантни информации клуч за подобар живот


Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА.
Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА.

Работејќи со млади луѓе на прашањата врзани со ХИВ/СИДА, но и целиот концепт на сексуално и репродуктивно здравје, можам со сигурност да тврдам дека кај нас сè уште постои недостиг од вистински и релевантни податоци за овие теми, пишува Марија Матовска од ХЕРА во саботната он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Кога ќе ни се споменат поимите ХИВ и СИДА, сите веднаш помислуваме дека сè ни е познато и дека повеќето млади луѓе ги имаат сите информации. Но, дали навистина тоа е така? Дали навистина сите млади луѓе ги имаат вистинските и точни информации или повеќе размислувањата, ставовите и однесувањата ги базираат на предрасуди и митови?

Работејќи со млади луѓе на прашањата врзани со ХИВ/СИДА, но и целиот концепт на сексуално и репродуктивно здравје, можам со сигурност да тврдам дека кај нас сè уште постои недостиг од вистински и релевантни податоци за овие теми.

Честопати и мене лично ми се случува кога ќе ги начнеме овие теми со различни луѓе и во различни кругови, разговорот да започне со стандардните фрази: „Па, ајде што има да се зборува тука. Ние сè си знаеме.“, „Тоа не може да ни се случи на нас.“, „Во Македонија нема СИДА“, „Тоа е болест на педерите, проститутките, наркоманите“ и слично. Но, ајде да започнам од почеток.

Секогаш околу први декември - Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА повторно и повторно ја имаме истата слика - едукации за ХИВ низ училиштата, институциите, делење кондоми, настани на отворено за подигнување на свеста, интервјуа, гостување во медиуми... И повторно прашањето: дали ова е доволно? Дали овие активности ќе го сменат начинот на нашето размислување и однесување? Напорите на граѓанскиот сектор, околу први декември, но и преку целата година (како на пример ХЕРА и нејзините партнерски организации и институции кои постојано и во континуитет спроведуваат програми за информирање и едуцирање на младите) едноставно некогаш не се доволни.

Работејќи со млади луѓе на прашањата врзани со ХИВ/СИДА, но и целиот концепт на сексуално и репродуктивно здравје, можам со сигурност да тврдам дека кај нас сè уште постои недостиг од вистински и релевантни податоци за овие теми. Оваа моја констатација ја докажуваат и резултатите од последното истражување кое ХЕРА го спроведе помеѓу средношколци и наставници на територија на Скопје. 41,52 отсто од испитаниците истакнале дека темата за правилна употреба на кондом ја обработувале во редовната настава. Додека, само 16,06% одговориле дека во рамките на училиштето имале можност да добијат информации за првиот сексуален однос.

Потребна е посеопфатна едукација на сите млади луѓе во оваа држава. Ваквиот вид на образование ќе помогне на младите луѓе да ги добијат потребните информации врзани за нивното здравје. Не заборавајте дека здравјето, според СЗО, не е само отсуство на болест туку целосна благосостојба на човековото битие. Програмите кои би биле вклучени во редовниот образовен процес ќе ја овозможат ваквата благосостојба на младите. На овој начин младите ќе знаат како да се грижат за своето здравје, како да бидат среќни, но и како да бидат потолерантни и да ги прифаќаат различностите во ова општество, како да го дигнат својот глас и како да се застапуваат за оние кои не можат да го сторат тоа. Младите ќе имаат можност покритички да ги градат своите ставови и пред да носат определен суд да ги разгледаат сите достапни извори на информации и дури потоа да ја донесат својата одука. Младинското учество ќе стане наше секојдневие. Сеопфатно сексуално образование ни е потребно повеќе од кога било.

Недостатокот од информации понатаму води кон градење предрасуди, стереотипи, кои, пак, можат да доведат до дискриминаторски однесувања. Замислете ситуација - седите некаде во кафуле и во вашето друштво доаѓа пријателот на вашата пријателка. Започнувате разговор и случајно момчето ви кажува дека живее со ХИВ. Или замислете да дознаете дека колешката која работи со вас неколку години исто така кажува дека е личност која живее со оваа инфекција повеќе години или, пак, тоа ви го кажуваат вашите комшии, можеби вашиот брат, сестра, братучед, роднина. Верувам дека повеќето од нас не многу радо би ја прифатиле оваа информација и дека не би знаеле како да се постават во таа ситуација.

Крајно време е да разбереме дека ХИВ нè засега сите нас, независно од нашата националност, религија, род, сексуална ориентација, професија која ја вршиме. Инфекцијата може да му се случи на секој кој не знае како да се заштити. Време е исто така да сфатиме дека медицината, како и сè во овој свет, оди напред со неверојатна брзина. Токму затоа и доколку се случи некој, некоја, некои да се инфицираат со ХИВ, денешната анти-ретровирусна терапија (АРТ) нуди решение. Оваа терапија, понатаму на лицата кои живеат со ХИВ им нуди можност да имаат долг, квалитетен и исполнет живот. Лицата кои живеат со ХИВ можат да продолжат со изразување на својата сексуалност, може да имаат сексуални односи, да основаат семејство и да имаат деца. Вистинските информации ќе ни помогнат заедно да се бориме против предрасудите и тотално да ги елиминираме.

Недостатокот од информации понатаму води кон градење предрасуди, стереотипи, кои, пак, можат да доведат до дискриминаторски однесувања.

Кај нас многу мал процент од населението има направено ХИВ тест. Ова е уште еден податок кој покажува колку малку знаеме како популација за оваа инфекција. Раното откривање на вирусот, понатаму допринесува за квалитетот на живот на индивидуата. Да ги отвориме очите, се работи за нас самите. Во овој контекст одлично се совпаѓа слоганот на годинашната Европска недела за ХИВ тестирање која се одржа од 21 до 28 ноември: „Зборувај за ХИВ, тестирај се за ХИВ“.

Навистина, време е да зборуваме за ХИВ, време е да зборуваме за сексуалните односи, задоволството, здравјето, среќата, исполнетиот и квалитетен живот. Време е да ги бараме вистинските и точни информации.

Да не дозволиме некој друг да го креира нашиот живот и нашиот свет. Време е да прашуваме и добиваме одговори.

Прашувајте, зборувајте, ас за сè што ве интересира за младинското сексуално и репродуктивно здравје обратете се кај нас во ХЕРА и во младинските центри „Сакам да знам“. Дојдете и откријте го својот ХИВ статус за половина час преку правење на брз ХИВ тест!

XS
SM
MD
LG