Достапни линкови

Породилно од фирмите – дополнителна дискриминација на жените


Сања Врбек и Ана Василева, активистки за женски права од Бори се женски.
Сања Врбек и Ана Василева, активистки за женски права од Бори се женски.

Основана е загриженоста дека основниот резултат на ова би бил само дополнителна дискриминација, т.е. директно отпуштање и невработување на жени од страна на работодавач(к)ите со цел да го избегнат дополнителното (макар и привремено) финансиско оптоварување, пишуваат Сања Врбек и Ана Василева, активистки за женски права од Бори се женски, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

„Сонот на секоја жена е да се омажи и да стане мајка, а либералниот абортус не смее да се дозволи затоа што тоа е убиство, кое дополнително ќе ги зголеми неверствата во бракот, но и другите неморални појави“. Ова е изјавата со која уставниот судија Сали Мурати ја потврди уставноста на новиот Закон за абортус заедно со дополнителните ограничувања во остварувањето на правото на избор. Истовремено, Мурати експлицитно ја редуцираше улогата на жената во согласност со традиционалниот, патријархален систем на вредности на сопруга и мајка, а и имплицитно ја прогласи за главна виновничка за брачните неверства и неморалните појави, во една типично религиска насока на размислување.

Апсолутно е контрадикторен предлогот на Фондот за здравство што предлага исплаќањето на товарот за породилното отсуство привремено да падне на товар на фирмите, наводно за да нема застој во исплатата, а средствата подоцна да бидат надоместени од страна на Фондот.

Паралелно со овие измени веќе неколку години тече и скапата државна кампања за многудетност додека родилките низ Македонија мизеруваат во ужасни услови и се третирани полошо од стока во тие неколку дена потребни безбедно да го донесат детето на свет.

Во таа насока, апсолутно е контрадикторен предлогот на Фондот за здравство што предлага исплаќањето на товарот за породилното отсуство привремено да падне на товар на фирмите, наводно за да нема застој во исплатата, а средствата подоцна да бидат надоместени од страна на Фондот. Проектот и предвидува фаза на тестирање во периодот јануари - јуни 2015, а врз основа на резултатите би биле донесени конечни решенија во насока на унапредување на системот за исплата и целосно прилагодување на потребите на осигуреничките.

Можеби во некои позрели држави, со пофункционални системи, ова би можело и да проработи, меѓутоа државата на која реферира ФЗО ‒ Словенија, не е една од нив. Имено, не е точна информацијата на ФЗО дека предложениот нов систем на исплата на породилниот надоместок се базира на позитивните словенечки искуства, од причина што таков систем на исплата во Словенија не се практикува. Напротив, не фирмата, туку државата Словенија, т.е. Министерството за труд и социјална политика „го исплаќа породилниот надоместок најдоцна до 15 во месецот, за претходниот месец на лична сметка на корисникот.“

Конкретно во нашиот контекст, со моменталната поставеност на жените во општеството и третманот што го добиваат во институциите, сосем основана е загриженоста дека основниот резултат на ова би бил само дополнителна дискриминација, т.е. директно отпуштање и невработување на жени од страна на работодавач(к)ите со цел да го избегнат дополнителното (макар и привремено) финансиско оптоварување. На ова се надоврзува и ниската доверба во државните институции (од една страна не многу позитивните искуства на стопанството со владата како должник, а од друга досегашното доцнење на породилниот надоместок) што не остава простор за поинакви очекувања.

Основана е загриженоста дека основниот резултат на ова би бил само дополнителна дискриминација, т.е. директно отпуштање и невработување на жени од страна на работодавач(к)ите со цел да го избегнат дополнителното (макар и привремено) финансиско оптоварување.

И онака, генерално жените се соочени со понеповолни работни услови, права и бенефиции, како и поголема неизвесност и несигурност за работното место. Впрочем, најголем број од хонорарците се хонорарки, т.е. жени во репродуктивна возраст на што упатува статистиката на глобално ниво. Овие измени само ќе придонесат за зголемување на нивниот број, тренд кој за жал ќе остане невидлив затоа што ваква статистика не се води на национално ниво.Но, загрижувачки е што неправдата нема да застане тука и со измените кои предвидуваат и хонорарците да плаќаат еднакви придонеси како оние во редовен работен однос ќе им се нанесе уште еден удар.

Оттука, прво, новиот систем на исплаќање на породилниот надоместок ќе предизвика зголемен број на прекарни работнички кои дополнително ќе бидат обесправени со тоа што ќе бидат изедначени со регуларно вработените во однос на обврските кон државата, но не и на нивните права кои произлегуваат од Законот за работни односи, како правото на платен одмор, надоместоци за прекувремене работа, платено болничко и породилно отсуство. Токму ова беше главниот аргумент зошто сличен предлог закон во Словенија (државата на која сакаме да се огледуваме и повикуваме во однос на позитивни практики) беше повлечен од процедура под силен притисок и негодување на синдикатите, интелектуалците и општо јавноста.

На крајот би сакале да забележиме дека предложената мерка е проблематична и нелогична и од дополнителен аспект. Имено, не е јасно, ни оправдано зошто државата бара од некој друг (во случајов фирмите) да плати нешто за кое таа веќе собрала пари. Придонесите, вклучително и придонесот за породилен надоместок се слеваат во државна каса, оттука нема рационална основа државата да бара некој да ја „кредитира без камата“ за нешто за што веќе има (или треба) обезбедено средства во буџетот. Ова би можело да упати на заклучок за недостиг на институционален капацитет за вршење на основните функции на социјалната држава каква што, впрочем Македонија е дефинирана во Уставот.

Затоа, Платформата за родова еднаквост (група на граѓански здруженија што се залагаат за поголема родова рамноправност) реагираше до Интер-ресорската консултативна група за еднакви можности на жените и мажите, од каде добивме мислење дека групата го поддржува предлогот за административно олеснување на постапката, која сепак и понатаму би се одвивала преку ФЗОМ. „Односно, го поддржуваат пристапот за административно олеснување, кој предвидува електронско поднесување на барањето за надоместок на плата, елиминирање на сите други дополнителни документи, предвидува законски измени за остварување на правото на надоместок за породилно и боледување, независно од судбината на фирмата во која се вработени (дали фирмата плаќа придонеси за здравствено осигурување) а од друга страна не го менува на системот на исплата на родителското отсуство.“

Во таа насока, искрено се надеваме дека ова ќе биде конечен став што ќе се испочитува и дека нема да биде проследен со некој закон донесен по кратка постапка во време кога голем дел од луѓето се на годишен одмор.

XS
SM
MD
LG