Достапни линкови

Политички и етнички несогласувања за загадениот воздух


Архивска фотографија: Протест против загадувањето на воздухот во Тетово.
Архивска фотографија: Протест против загадувањето на воздухот во Тетово.

ДУИ и ДПА заеднички изгласаа заклучоци во кои се посочува влијанието на фабриката Југохром во загадувањето во Тетово. Советниците Македонци беа воздржани.

Советниците во Општина Тетово имаа различни ставови околу планот за воведување мерки за намалување на загадувањето на воздухот, а според она како гласаа партиите, забележителна беше и етничката поделеност. Покрај планот за мерки, ДУИ и ДПА, предложија и заеднички изгласаа два заклучока во кои се посочува влијанието на фабриката Југохром во загадувањето.

Апелирам до Владата да се преразгледа последната одлука за продолжување на работата на фабриката Југохром за наредниве две години, без да ги почитува законските обврски.
Теута Арифи, градоначалничка на Тетово.

ДУИ го предложи она што градоначалничката Теута Арифи го посочи како дел од мерките.

„Апелирам до Владата да се преразгледа последната одлука за продолжување на работата на фабриката Југохром за наредниве две години, без да ги почитува законските обврски, односно поставување на заштитни филтри и исполнување на еколошки стандарди“, истакна Теута Арифи.

ДПА бараше да се следи Југохром, како и да се добие извештај колку загадува, а Владата да преземе мерки.

Ние треба да се свртиме овде во Тетово, колку возила имаме кои ни влегуваат и какви возила, колку пати се пали депонијата за да имаме проблеми. Тука треба да се задржиме, а не само еден фактор како да е кривец.
Горан Јовановски, ВМРО-ДПМНЕ.

„Имавме дополнително барање Министерството за екологија директно да се вклучи во решавање на проблемот. Не алудираме на отворање, затворање на компании, туку Министерството за екологија е компетентно да одлучува и да и сугерира на Владата секакви решенија“, истакна советникот на ДПА, Дурим Љума.

ВМРО ДПМНЕ и ВМРО Народна партија беа воздржани.

„Некако се искажува револт од одлуката на Владата за Југохром, кој е од друга општина. Никој не вели дека не загадува. Ние треба да се свртиме овде во Тетово, колку возила имаме кои ни влегуваат и какви возила, колку пати се пали депонијата за да имаме проблеми. Тука треба да се задржиме, а не само еден фактор како да е кривец“, истакна Горан Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Југохром не треба да се затвори од социјални и економски потреби. Владата има инструменти, има начини како да влијае врз сето тоа“, вели Драган Давидовски од ВМРО Народна партија.

Мерките предвидуваат поголема градска хигиена, додавање на калциум, магнезиум и ацетат со цел намалување на присуството на штетни материи, повеќе инспекција за животна средина, создавање на режим во сообраќајот, основање претпријатија за паркинзи и за јавен превоз со цел да се намали влијанието на големиот број автомобили врз загадувањето.

XS
SM
MD
LG