Достапни линкови

Државата им дала дозвола за оружје, тие убиваат


Илустрација.
Илустрација.

Законските одредби за тоа кој може легално да поседува оружје не се премногу либерални, но проблем е нивното спроведување, а како причина за честото посегнување по оружје може да се и траумите кај дел од луѓето од конфликтот во 2001 година, велат познавачите.

Двојното убиство, а потоа и самоубиство во скопската населба Аеродром летово беше извршено со легално оружје, исто како и тројното убиство минатата недела во Кавадарци. Во меѓувреме, со оружје за кое поседува документ пукаше и поштарот во Вевчани кој уби две лица. Ова се само неколку од случаите во кои се користи оружје со дозвола, а поради сè позачестените вакви настани се отвора прашањето кои се критериумите и контролата за оние што го поседуваат.

Она што е загрижувачко е што немаме јавна и транспарентна контрола врз структури кои имаат пристап, интерес и побарување за поседување и носење оружје.
Џабир Дерала, невладина организација Цивил.

Имено, според Законот за оружје, до него легално може да се дојде ако барателот е полнолетен, не му е одземена или ограничена деловната способност, здравствено е способен да поседува и носи оружје, не претставува опасност за јавниот ред, има оправдана причина за набавување на оружје и неколку други одредби. Овие последни лански законски измени предвидуваат дозволите да се издаваат на 10 години, а за лица над 65-годишна возраст на 5 години.

Според Џабир Дерала од невладината организација Цивил, законските одредби се, како што вели солидни, но се потфрла во нивното спроведување.

Многу е битно да се води сметка дека ние имавме учесници во таа кризна 2001 година кои се среќаваа со многу тешки ситуации и тие сè уште живеат со тие трауми.
Благоја Марковски, аналитичар.

„Она што е загрижувачко е што немаме јавна и транспарентна контрола врз структури кои имаат пристап, интерес и побарување за поседување и носење оружје. Пред сè со ова мислам на структури кои се поврзани или се директно инволвирани во бизнисот со сигурноста, односно агенциите за приватно обезбедување“, вели Дерала, кој смета дека и во последниве години индиректно преку разни форми се охрабрува насилството.

И аналитичарот Благоја Марковски вели дека не може да се каже оти законот за оружје е премногу либерален. Но, тој посочува и на други причини поради кои смета дека убиствата со легално оружје не се ретки.

„Многу е битно да се води сметка дека ние имавме учесници во таа кризна 2001 година кои се среќаваа со многу тешки ситуации и тие сè уште живеат со тие трауми. Од тој аспект, еве најновиот случај, а и пред десетина дена во Куманово имавме самоубиство на еден припадник на безбедносните структури од 2001 година, значи тие трауми имаат одлучувачка улога во земањето на оружјето и разрешувањето на проблемите со оружје“, вели Марковски.

Инаку, и за сторителот во последниот случај во Кавадарци медиумите објавија дека бил припадник на единицата Лавови и учесник во конфликтот во 2001 година.

Дел од извршителите на убиствата со легално оружје дозволите ги добиле пред повеќе децении. Според Законот, тоа може да им се одземе во случај кога ќе утврди дека ја изгубиле деловната способност, способноста да поседуваат или носат оружје, со правосилна пресуда за кривично дело или прекршок и неколку други одредби.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG