Достапни линкови

Хан: Фокус врз квалитетот, а не врз брзината


Европскиот комесар за добрососедска политика и преговори за проширување Јоханес Хан.
Европскиот комесар за добрососедска политика и преговори за проширување Јоханес Хан.

Ако до следната година не биде решено прашањето за името, можеби ЕУ треба да преземе иницијатива да најдеме нов пристап, вели новиот европски комесар за добрососедска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, во интервју за дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел, Рикард Јозвиак. Тој додава дека со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, се определени за процесот за проширување, но не на штета на квалитетот.

Во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ се нагласува дека веќе 19 години прашањето за името не се решава. Дали е време ЕУ да одигра поголема улога во решавање на овој конкретен проблем?

Тоа секако е нешто што ќе биде прашање за сите нас и за мене лично, се разбира. Постои иницијатива на ОН за името, можеби следната година, на 20-годишнината, ако тоа не биде разрешено, ние треба да преземеме иницијатива и да видиме дали можеме да најдеме некој нов пристап, зашто во крајна линија тоа влијае на понатамошната интеграција на Западниот Балкан и оваа ситуација не е во интерес на ЕУ.

Постои иницијатива на ОН за името, можеби следната година, на 20-годишнината, ако тоа не биде разрешено, ние треба да преземеме иницијатива и да видиме дали можеме да најдеме некој нов пристап, зашто во крајна линија тоа влијае на понатамошната интеграција на Западниот Балкан и оваа ситуација не е во интерес на ЕУ.
Јоханес Хан.

РСЕ: Верувате ли дека сегашната македонска влада може да спроведе реформи и да го постигне бараниот напредок?

Се разбира дека сè зависи од нив. И се разбира дека зависи од тоа дали ќе ја деескалираат внатрешната ситуација и ќе ги намалат тензиите, бидејќи пред сè неопходно е да се овозможи парламентот во потполност да функционира. Тоа значи дека сите избрани претставници во парламентот треба да учествуваат во неговата работа, а не само оние кои ја претставуваат власта. Тоа е едно прашање за кое наскоро ќе имам прилика да разговарам со македонските министри за надворешни работи и за евроинтеграции, и тоа е нешто што несомнено мора да се направи. Од друга страна, мислам дека е важно да се реши проблемот со името на државата за да се најде излез и граѓаните на ПЈРМ повторно да имаат европска перспектива.

РСЕ: Која е логиката на Брисел кога е во прашање Босна и Херцеговина?

Еден од моите главни фокуси се преговорите кои се во тек, но и комплетните односи со овие земји. Не станува збор само за преговорите, тие се клучни, но исто така е важно и да им помогнеме на тие земји економски да се развијат.
Јоханес Хан.

Мислам дека треба да работиме на надминување на повеќегодишниот застој. Во БиХ во одреден момент беше неопходно да се обезбеди и да се одржи мирот, но сега е важно да се обезбеди нова структура на соработка за развој на земјата и давање перспектива на луѓето. Според она што сум го чул, а во меѓувреме имав прилика и да запознам многу луѓе и да добијам многу информации од терен, луѓето повеќе од кога било се заинтересирани за развој на БиХ и навистина сметаат и бараат од босанските политичари да сфатат какви промени бараат граѓаните. Се одржаа избори, сега е време да се формира влада, а потоа е време да направат чекори напред.

РСЕ: Што би требало да биде следен чекор во дијалогот Белград –Приштина?

Прес сè, се надевам дека наскоро во Косово ќе биде формирана влада и потоа треба да се обноват разговорите и преговорите и се надеваме дека тоа ќе биде што поскоро и со задоволителен исход. Затоа што, како што знаете, тоа е дел од пристапните преговори со Србија.

РСЕ: Изјавата на господинот Јункер дека нема да има проширување во наредните пет години доби голем публицитет. Не мислите ли дека тоа праќа многу негативни сигнали до земјите, како што се Црна Гора и Србија, кои веќе ги почнаа преговорите за членство во ЕУ?

Мислам дека треба да разјасниме дека оваа реченица беше изразена во техничка смисла, и во таа смисла нема изгледи дека преговорите кои се во тек, може да завршат во тој период. На пример, со Хрватска преговаравме осум години, а само што почнавме преговори со Србија и со Црна Гора, така што не е реално дека тие преговори ќе завршат во нашиот мандат. Но, имајќи предвид дека јас исто така сум и комесар за преговори за проширувањето, како и фактот дека претседателот на ЕК, Јункер, одбрал некого од Австрија за таа работа, имајќи ја предвид нашата блискост и емпатија за Западниот Балкан, јасно индицира дека и претседателот Јункер е определен за понатамошно проширување, но не на штета на квалитетот. Затоа јас секогаш кажувам и нагласувам, во прашање е квалитетот, а не брзината. Еден од моите главни фокуси се преговорите кои се во тек, но и комплетните односи со овие земји. Не станува збор само за преговорите, тие се клучни, но исто така е важно и да им помогнеме на тие земји економски да се развијат. Бидејќи, ако сакаат членство во ЕУ, мора да бидат развиени и во економска смисла и да имаат добри економски односи како полноправните членки на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG