Достапни линкови

Германскиот закон нема да го спречи барањето азил


Свесни се Ромите дека нема да го остварат правото за добивање на азил, меѓутоа од друга страна се свесни дека таму многу подобро можат да ја поминат зимата, отколку во Македонија, вели Муахмед Точи од невладината Месечина.

Уште еден удар врз ромската популација, но не и крај на барањата за добивање азил. Вака претставници на ромската етничка заедница во Македонија го толкуваат неодамнешното донесување на законот за азил, со кој повеќе земји од западен Балкан се прогласени за безбедни држави, со што се олеснува протерувањето на азиланти во тие земји. Овие измени во еден ваков закон нема значително да ја промени ситуацијата со Ромите во земјава, вели Мухамед Точи од невладината организација Месечина.

Ромите во Република Македонија, на не само Ромите, туку и оние коишто се длабоко убедени дека треба да одат во трети земји, барајќи подобри услови за живот ќе продолжат тоа да го права.
Мухамед Точи, невладина организација Месечина.

„Ромите во Република Македонија, на не само Ромите, туку и оние коишто се длабоко убедени дека треба да одат во трети земји, барајќи подобри услови за живот ќе продолжат тоа да го права“, вели Точи.

Со овој закон шансите за добивање азил на барателите од регионот стануваат минимални, а постапките максимално се скратуваат, со што пак според упатените се намалуваат и трошоците и финансиското оптоварување на општините. Но, ова не значи дека Германија или некоја друга европска земја има проблем со Ромите, туку дека оваа етничка заедница има проблем во земјава, категоричен е Точи.

Се работи за една појава која е надвор од сите демократски правила. Ова е безвластие, владеење на слободен расизам, бидејќи некого да вратите од граница без аргументи и факти е селективен расизам.
Ашмед Елезовски, Национален Ромски Центар.

„Свесни се Ромите дека нема да го остварат правото за добивање на азил, меѓутоа од друга страна се свесни дека таму многу подобро можат да ја поминат зимата, отколку во Република Македонија.“

Од Националниот Ромски Центар велат дека донесениот закон е политичка одлука со која се врши притисок врз Македонија слободно да одлучува за одредени прашања. Претседателот на оваа организација и член на Европскиот Ромски форум Ашмед Елезовски вели дека со овој закон се крши Женевската конвенција за човековите права.

„Тоа е еден вид шлаканица врз системот, демократијата и развојот на Република Македонија, бидејќи ако се навратиме наназад неколку години Македонија беше пример за владеење на демократијата и развојот на демократијата, заедно со ромската партиципација на сите нивоа.“

Елезовски потсетува дека расте бројот на Роми кои иако ги поседувале потребните документи биле вратени на граничните премини и не им било дозволено да заминат во некоја од европските земји. Со ова вели Елезовски, Македонија си дозволи да биде ставена во земјите кои спроведуваат дискриминација и расизам кон определена етничка група.

„Се работи за една појава која е надвор од сите демократски правила. Ова е безвластие, владеење на слободен расизам, бидејќи некого да вратите од граница без аргументи и факти е селективен расизам.“

Дел од семејствата кои по неколку години беа вратени назад во Македонија се пожалија на лошите услови за живеење дома, велат од овие организации. Токму затоа борбата за добивање на азил ќе продолжи и покрај ригорозните законски решенија, вели Точи оти според него многу е тешко да убедите некој дека треба да остане тука, кога не правите ништо за да ги подобрите условите за живот. Убедувањето заклучува Точи не се прави само со посета на ромските населби и „држење предавања“ дека не треба да се злоупотребува безвизниот режим.

Според податоците на Службата за миграција во текот на септември азил побарале 814 македонски државјани или вкупно 5425 за осумтте месеци од годинава со што Македонија е на шестото место по Сирија, Србија, Еритреја, Авганистан и Ирак.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG