Достапни линкови

Власта глува или граѓанските иницијативи неми


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Досега се покажа дека власта ги игнорира граѓанските иницијативи, колку и тие да се оправдани, но од друга страна, кога ќе видат дека нивните барања не даваат резултат за кратко време, и граѓаните стануваат апатични.

Независно од тоа дали и колку граѓанските иницијативи во земјава се оправдани или не, нивниот неуспех се должи на односот на домашните институции, вели граѓанскиот активист Џељал Хоџиќ. Потсетувајќи на минатогодишната иницијатива на АМАН во која беа собрани над 13 илјади потписи како доказ дека поскапувањата на електричната енергија се неоправдани, а истата беше одбиена од пратениците во Собранието, Хоџиќ вели дека основната разлика меѓу успешните иницијативи во другите земји и неуспешните кај нас се должи на демократскиот капацитет на институциите да прифатат нешто поразлично.

Имаме една влада и институции кои се едноставно глуви за иницијативите. Тоа негативно влијае, и тука можеби треба да се бара вината кај граѓаните, што тие се обесхрабруваат и стануваат апатични.
Џелал Хоџиќ, граѓански активист.

„Имаме една влада и институции кои се едноставно глуви за иницијативите. Тоа негативно влијае, и тука можеби треба да се бара вината кај граѓаните, што тие се обесхрабруваат и стануваат апатични“, вели тој.

Токму таквиот однос ја продуцира пасивноста на граѓаните да се мобилизираат и на тој начин да направат поголем притисок за прифаќање на нивните барања, уверува Хоџиќ.

„Ако се работи на подолг временски период, ако се поработи посериозно може да се случи така мобилизирани во поголем број да издејствуваат да им се прифатат иницијативите и барањата“, вели Хоџиќ.

На тој начин се создава некој менталитет дека единствената промена во Македонија се врши преку политичките партии и дека граѓаните немаат сила и моќ.
Артан Садику, граѓански активист.

Неуспешноста на граѓанските иницијативи и движења дома, Артан Садику од здружението Солидарност ги лоцира како наследство од процесот на транзиција.

„На тој начин се создава некој менталитет дека единствената промена во Македонија се врши преку политичките партии и дека граѓаните немаат сила и моќ“, вели Садику.

Загрижувачки е фактот што тенденциите на владините политики се тенденции на зголемено казнување и законска хиперрегулација на општествениот живот, кои креираат уценето општество и преплашени граѓани, вели Садику.

„Од друга страна, контролата врз медиумите им овозможува на властите да креираат испревртена слика на општеството, на проблемите во општеството, а кога веќе се појавува одредена група, медиумите се користат за оцрнување на таа група, па оттаму сите иницијативи веќе имаат предзнак на некоја партиска структура“, вели Садику.

Експертите, пак, велат дека проблемот не е во немање на свест кај граѓаните за одредена појава, туку немањето реакција од нивна страна.

„Отсуството на општествена мобилизација која ќе ѝ контрира на државата која донесува или инсталира вакви политики е уште поголем проблем“, вели професор Маја Геровска Митев.

Она што пред неколку дена се случи со масовните протести во Унгарија е светол пример за тоа колкава е моќта на граѓанското движење. Нашите соговорници не се оптимисти дека таквата слика може да се преслика во нашето општество.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG