Достапни линкови

Контроверзната „Гробница за Борис Давидович“ на Скупи фестивал


Со изведбата на швајцарско-руската копродукција „Сите птици се веќе таму“, на 31 октомври, во 21 часот, во кино „Фросина“, ќе започне осмото издание на Меѓународниот театарски фестивал СКУПИ ФЕСТИВАЛ, манифестацијата што годинава се одржува под мотото „Даски и маски“. До 6 ноември, публиката ќе има можност да проследи седум претстави на неколку сцени меѓу кои и „Градителите на империјата или Шмурц“ што Александар Поповски ја режираше во Истанбул, Турција и контроверзната „Гробница за Борис Давидович“ на Ивица Буљан, заеднички проект на еминентни претставници на независната балканска културна сцена.

Почетокот на осмото издание на Меѓународниот театарски СКУПИ ФЕСТИВАЛ ќе помине во знакот на „Сите птици се веќе таму/Конференција во шумата“, копродукциската претстава помеѓу Шлахтхаус театар од Берн, Швајцарија и Театар Поколениј од Санкт Петербург, Русија. Проектот со естетика на нем руски филм од 20-тите години на минатиот век како режисер го потпишува Германецот Еберхард Колер и публиката ќе има можност да го проследи и во сабота од 19 часот во киното „Фросина“.

Оваа година одиме со едно мото кое што е наизглед како досетка и се вика „Даски и маски“. Кога размислувавме што друго е потребно за еден добар театар излегува дека што повеќе ја симплифицираме работава тоа ќе биде поарно. Значи неколку даски и неколку маски се доволни за да имаме добар театар.
Сенко Велинов, уметнички директор на Скупи фестивал.

Истата вечер, ќе биде прикажана и „И сега: Светот!“ на Државниот театар од Тубиген – Германија, а во наредните два дена „Вистинскиот запад“, работена по текст на Сем Шепард и во режија на Лаура Нежа, на Шетачкиот театар од Тирана, Албанија и „Претстава без наслов“ на Бриџ театар од Сибиу, Романија.

Сите птици се веќе таму, театарска претстава.
Сите птици се веќе таму, театарска претстава.

На 4 ноември е планирано да биде одиграна „Градителите на империјата или Шмурц“, претставата која преку трагикомичните карактери го открива негирањето на животот се до последното соочување и која по текст на Борис Вијан, во истанбулскиот театар Хајал Пердеси ја режираше нашиот Александар Поповски. Ден потоа следува и „Јерма“, перформансот што, посегајќи по поетиката на Федерико Гарсија Лорка, како автор го поставила Диана Добрева во софискиот Театар на бугарската армија.

Замислата ни е првата поддршка да биде од Министерството за култура, потем со одредена сума да се вклучат и градските власти во овие балкански метрополи и кога ќе се заокружи финансиската конструкција да започнеме со реализација.
Музбајдин Ќамили Муча , директор на Скупи фестивал.

И, конечно, на 6 ноември во Скопје доаѓа „Гробница за Борис Давидович“ - заедничкиот проект на неколку еминентни претставници на независната балканска сцена како Хартефакт фонд, Битеф театар и ЦЗК од Белград, УО Ново Казалиште од Загреб, Мини театар од Љубљана и „Задар снова“. Книгата на големиот Данило Киш, едно од најконтроверзните дела на југословенската книжевност објавено во 1976 година, го режираше Ивица Буљан, а за претставата се вели дека е „потсетник за односите на моќ меѓу граѓанинот, поединецот, уметникот и степенот на толеранција кој овие институции се подготвени да си го дадат едни на други“ и „етички и естетски манифест за младите генерации без преседан на овие простори“.

„Оваа година одиме со едно мото кое што е наизглед како досетка и се вика „Даски и маски“. Кога размислувавме што друго е потребно за еден добар театар излегува дека што повеќе ја симплифицираме работава тоа ќе биде поарно. Значи неколку даски и неколку маски се доволни за да имаме добар театар. И тоа е сè што му треба на еден театар. Ништо повеќе од тоа. Сè друго е креативноста и идеите на луѓето што го создаваат театарот“, ќе рече во предвечерието на манифестацијата актерот Сенко Велинов, уметнички директор на СКУПИ ФЕСТИВАЛ.

Тој е убеден дека на публиката ѝ претстои една возбудлива театарска недела во која прикажани седумте претстави одбрани од 114 кои овој пат аплицирале за случувањето и дополнува дека тие како организатори и натаму остануваат „номади“ овој пат скрасувајќи се во Младинскиот културен центар на чии сцени главно ќе се одвиваат случувањата.

Од друга страна, директорот на Фестивалот Музбајдин Ќамили Муча информира дека и натаму зад манифестацијата стојат Министерството за култура (овој пат со буџет од 2.600.000 денари), Советот на Град Скопје и Уан Телеком Словенија и дека ќе продолжи традицијата за доделување на единствената награда за најдобра театарска претстава. За неа на осмото издание на СКУПИ ФЕСТИВАЛ ќе одлучуваат режисерот Синиша Ефтимов и актерите Муса Исуфи и Албана Санчоли, а како што вели, останува и натаму заложбата за поголем копродукциски проект кој би се работел под нивна закрила.

„Веќе година и половина разговараме СКУПИ ФЕСТИВАЛ како носител на идејата, заедно со Театарот од Софија, МНТ, Народниот театар на Косово, театрите од Тирана, Атина и Белград, да направат поголем копродукциски проект кој би се прикажувал во регионот. Замислата ни е првата поддршка да биде од Министерството за култура, потем со одредена сума да се вклучат и градските власти во овие балкански метрополи и кога ќе се заокружи финансиската конструкција да започнеме со реализација. Услов е премиерата на биде на нашава манифестација, а потоа да тргнеме со ред во другите средини бидејќи во проектот разбирливо би влегле актери, режисери, сценографи, костимографи и други театарски творци од дадените земји. Ние и досега имавме вакви поситни исчекори и затоа со право во најскоро време ја очекуваме ветената поддршка за реализација“, истакнува Мучи.

Кон ова само уште информацијата дека картите по цена од 150 денари за претстава ќе се продаваат на билетарниците на Младинскиот културен центар и Театар Комедија, а за љубителите на театарот во ограничен број ќе бидат пуштени и блок влезници за кои ќе биде потребно да се издвојат симболични 650 денари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG