Достапни линкови

Младиот Бојан Јанкуловски годинава го одбележа македонскиот тенис


Бојан Јанкуловски пред три недели го освои второто место на европската листа за јуниори до 16 години, што е најдобар ранкинг во историјата на македонскиот тенис, а во истата конкуренција е седми во светот.

До крајот на 2014-та остануваат уште два месеца, но, кога е во прашање македонскиот тенис, уште од сега е јасно дека оваа година ја одбележа Бојан Јанкуловски. Станува збор за нашиот најголем талент, кој пред три недели го освои второто место на европската листа за јуниори до 16 години, што е најдобар ранкинг во историјата на македонскиот тенис, а во истата конкуренција е седми во светот.

Секогаш треба да се гледа напред, не ми е ни прв ни последен таков меч што ќе го изгубам. Но, ми е криво затоа што во финалето водев сет и 4-0 и имав некои проблеми со стомакот. Пред сè, за тоа ми е жал.
Бојан Јанкуловски, тенисер.

Покрај тоа, момчето кое наредниот месец ќе наполни 16 години (на 27-ми ноември) стана првиот Македонец кој стигнал до четвртфинале на ЕП (во Москва) и играл во финалето на завршниот европски Мастерс турнир за јуниори во Реџо Калабрија (Италија). Таму Бојан можеше да постигне уште поголем успех, бидејќи со триумф над Унгарецот Валкуш, ќе се искачеше и на лидерската позиција на европската ранг листа.

За жал тоа не се случи, па двете први места (на Мастерсот и на ранг листата со 170 бодови повеќе) ги освои Валкуш. Бојан, ваквиот епилог, го прифаќа како вистински спортист, но и не крие дека му е жал поради тоа што за поразот во финалето не бил заслужен само Унгарецот.

Тренирав со постари играчи од мене. Дебитирав во дубл, одиграв еден натпревар против Албанија, партнер ми беше Томислав Јотовски, победивме 6-2, 6-1. Тоа беше едно убаво искуство за мене и за во иднина се надевам дека ќе добијам покана пак да играм и дека ќе добијам шанса и за сингл, поединечна конкуренција.
Бојан Јанкуловски, тенисер.

„Секогаш треба да се гледа напред, не ми е ни прв ни последен таков меч што ќе го изгубам. Но, ми е криво затоа што во финалето водев сет и 4-0 и имав некои проблеми со стомакот. Пред сè, за тоа ми е жал, инаку, го одиграв еден од најдобрите мои турнири и меч во животот“, изјави Јанкуловски.

Тој во спортот е од пред 7 години, почетоците му се во ТК „АС“, a по еден месец се преселил во ТК „Југ“, каде што денес работи со тренерите Дејан Маринковиќ и Борис Даневски (кондициски тренер). Тие, покрај тренерите од тениската Академија во спортската гимназија, според момчето од скопско Глуво, се најзаслужните за неговите досегашни успеси, а пред сè за извонредната актуелна година, која, освен по триумфите и на пет (Тенис Европа) турнири, ќе ја памети и по дебито во македонскиот сениорски Дејвис куп тим, на турнирот од Третата Европска зона во Сегед (Унгарија).

„Тренирав со постари играчи од мене. Дебитирав во дубл, одиграв еден натпревар против Албанија, партнер ми беше Томислав Јотовски, победивме 6-2, 6-1. Тоа беше едно убаво искуство за мене и за во иднина се надевам дека ќе добијам покана пак да играм и дека ќе добијам шанса и за сингл, поединечна конкуренција“, додаде Јанкуловски.

Сите овие успеси на нашиот тениски бисер му носат задоволство, но и обврска за задржување на високиот рејтинг. Бојан е свесен за тоа и ветува дека со уште понапорна работа ќе одговори на предизвикот и ќе оствари нов напредок на меѓународната сцена, каде што прва наредна цел му е влез во јуниорската светска тениска елита.

„Од следната година одам во поголема категорија, до 18 години. ИТФ интернационални светски турнири се тие. И си поставив цел за следната година, да се пласирам и да играм на јуниорски Гренд слем до 18 години“, истакна на крајот Бојан Јанкуловски, кој исто како и неговиот идол, Рафаел Надал, игра со левата рака, има дефанзивен стил на игра и поомилени му се земјените терени.

XS
SM
MD
LG