Достапни линкови

По депортацијата од ЕУ се живее уште полошо од претходно


Најголемиот дел од луѓето пред заминувањето во некоја од земјите на Европската унија, каде што бараа азил, ја продаваа покуќнината, а некои и недвижниот имот. По враќањето тие сега живеат уште потешко.

По либерализацијата на визниот режим за државјаните на Македонија во земјите на ЕУ, добар дел од невработените во Дебар со членовите на нивните семејства се обидоа преку барање на азил да останат во некои од земјите на Европската унија. Сепак, по една година, а некои и по две години, беа вратени во своите родни места. Најголемиот дел од наведените семејства беа Роми и пред заминувањето во некоја од земјите на Европската унија ја продаваа покуќнината, а некои и недвижниот имот. По враќањето тие сега живеат уште потешко.

Заминав пред две години во странство, бидејќи овде немав работа. Имам околу 50 години и немав друг излез. Се јавував во биро за да добијам работа со оглед дека немав никакви приходи. Поради тоа заминав во странство бидејќи сум татко на пет деца.
Лавда Лимани, депортиран од Германија.

Лавда Лимани, по двегодишниот престој во Германија и неможноста да добие азил, е депортиран во Република Македонија. Тој вели дека сега нему и на неговото семејство му е многу потешко за живеење.

„Заминав пред две години во странство, бидејќи овде немав работа. Имам околу 50 години и немав друг излез. Се јавував во биро за да добијам работа со оглед дека немав никакви приходи. Поради тоа заминав во странство бидејќи сум татко на пет деца“, вели Лимани.

Лавда Лимани, жител на Дебар.
Лавда Лимани, жител на Дебар.

РСЕ: Во која држава бевте и како поминавте таму две години?

„Бев во Германија. Таму добивавме доволно храна, ни даваа средства за социјално. Кога бев овде добивав 20-тина евра и со тие 20-тина евра не можев да платам струја, вода и други сметки, а таму добивавме 260 евра на лице. Сепак, по две години повторно ме вратија мене и семејството и сега сме во Дебар“, раскажува тој.

Сега овде во Дебар, во мојот роден град, ми е потешко. Сега немам струја бидејќи немам да платам сметка. Институциите во земјата треба да помогнат бидејќи со 2.000 денари не можам да преживеам.

Семејството Лимани од Дебар сега има многу поголеми проблеми кога е во прашање начинот на живот во споредба од пред две години кога се подготвуваше да замине во Германија.

„Сега овде во Дебар, во мојот роден град, ми е потешко. Сега немам струја бидејќи немам да платам сметка. Институциите во земјата треба да помогнат бидејќи со 2.000 денари не можам да преживеам“, вели Лимани.

РСЕ: Има ли други Роми од Дебар кои сè уште се таму и бараат азил?

„Да, да има. Сите се баратели на азил, бидејќи овде ние Ромите не сме вработени. Но, потоа ги враќаат. Не знаеме како ќе преживееме“, вели тој.

Над 50-тина ромски семејства ја делат истата судбина што ја има семејството на Лавда Лимани, односно се депортирани од некоја од земјите на ЕУ. Но, има и бројни реакции на семејства кои во последно време се обиделе да ја напуштат земјава и да заминат во некоја од државите на ЕУ, но домашните власти не им дозволиле и покрај тоа што имале пасоши. Овие ромски семејства од Дебар сметаат дека тие се дискриминирани бидејќи не им се дава излез и покрај тоа што признаваат дека заминуваат за да бараат азил.

Во Општините Дебар и Центар Жупа во последните години во деветолетките евидентно е дека бројот на учениците Роми, но не само тие, е многу помал, бидејќи миграцијата на населението продолжува и преку други законски можности, како што се склучувања на бракови, но и со подготвување на документација за иселување во странство.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG