Достапни линкови

Ако политиката не сака, ЕУ ги носи студентите во Европа


Француската амбасадорка во Македонија, Лоренс Оер на средба со битолски студенти.
Француската амбасадорка во Македонија, Лоренс Оер на средба со битолски студенти.

Ако ви се чини дека политиката не постигнува напредок, ќе ви кажам дека студентите и универзитетите постигнуваат вистинска динамика и секој ден Европската унија нуди можности да ги направи македонските студенти европски граѓани, вели француската амбасадорка Лоренс Оер.

Македонците многу подобро го владеат англискиот јазик отколку младите во Париз. Не потценувајте се, учете странски јазици и искористете ја можноста за студентска мобилност на странските универизтети. Ова им го порача француската амбасадорка Лоренс Оер на битолските студенти презентирајќи ги поволностите од европската програма „Еразмус плус“ која овозможува голема мобилност на студенти, постдипломци и наставен кадар на престижни европски универзитети. Преку оваа програма до 2020 година 20 проценти од македонските студенти ќе заминат на доусовршување во Европа.

Од една страна ако ви се чини дека политиката не постигнува напредок, ќе ви кажам дека студентите и универзитетите постигнуваат вистинска динамика и секој ден Европската унија нуди можности да ги направи македонските студенти европски граѓани.
Лоренс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија.

„Драги студенти вистинската динамика кон ЕУ треба да ја отпочнете токму вие. Тоа не значи дека си закажуваме иден состанок за десет години, туку токму спротивното. Од една страна ако ви се чини дека политиката не постигнува напредок, ќе ви кажам дека студентите и универзитетите постигнуваат вистинска динамика и секој ден Европската унија нуди можности да ги направи македонските студенти европски граѓани“, рече амбасадорката.

Европскиот парламент одобри буџет од 14,7 милијарди евра за следните седум години што поголем број студенти да можат преку грантови да студираат на престижни европски универзитети. Студентите само треба да конкурираат, без разлика од која земја доаѓаат, ќе бидат третираат на еднаков начин.

„Досега мобилноста на македонски студенти со Франција се извршуваше на билатерално ниво со седум-осум стипендии кои не се доволни и најчесто студентите се соочуваа со виоките финансиски трошоци поврзани со тековното живеење. Но, сега бидејќи има поголем пристап до европските механизми се надевеме дека тој број ќе биде зголемен“, рече Оер.

Таа посочи дека трошоците веќе не се проблем за да се студира во Франција зашто упис во било кој државен универзитет годишно чини по 183 евра, а преку „Еразмус плус“ се даваат високи стипендии. Таа уште нагласи дека постои впечаток оти студентите најчесто сакаат да студираат во САД или во Германија зашто таму ќе ги најдат најдобрите предавачи. Но, јас ќе речам дека и во Тулуз ќе најдете извонреден предавач, еден од добитниците на Нобеловата награда за економска теорија кој подучува многу студенти низ светот, додаде Оер.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG