Достапни линкови

Неделен печат – ЕУ, учебници и стадионски национализам


Фокус ги анализира учебниците кои „создаваат покорни граѓани“, Глобус пишува за извештајот на ЕУ, а Република го анализира инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија во Белград.

Фокус - Учебниците создаваат граѓани покорни на власта

Дали тезата дека ЕУ не ѝ е потребна на Македонија е само примамлива „пита лајнарка“, која на сите занесени антички лепотани треба ширум да им ја отвори визијата за Путиновските корени на Македонецот? Малку е контроверзно, ем е антички, ем е Путиновски, ама така е.
Фокус.

Покрај насловната тема за анализа на македонските учебници во која Фокус заклучува дека „Учебниците создаваат граѓани покорни на власта“, и дека со реформираните учебници „Власта клонира преродбеници“, уводникот во неделникот е насловен со „Ауфидерзен ЕУ?!“ по шестата препорака без датум за почнување на преговори за членство. Дали тезата, прашува покрај другото авторот, дека ЕУ не ѝ е потребна на Македонија е само примамлива „пита лајнарка“, која на сите занесени антички лепотани треба ширум да им ја отвори визијата за Путиновските корени на Македонецот? Малку е контроверзно, ем е антички, ем е Путиновски, ама така е. Зар целата општествена номенклатура не е контроверзно поставена? Едно мисли, друго збори, трето прави, заклучува уводничарот во Фокус.

Глобус - Колекционери на неуспеси

Емотивните реакции на македонските Албанци во Скопје, Тетово и Струга, за успешната провокација со беспилотното летало во Белград е искра, која многу лесно можеше, а во иднина, за жал, ќе може уште полесно да се прошири и во Македонија.
Република.

„Колекционери на неуспеси“ - констатира во насловот колумнистот во Глобус. За потоа да додаде дека шестата препорака на Македонија за членство во ЕУ е недостижен светски рекорд за дпмнеовци кои патолошки сакаат да бидат први во светот и дека, рака под рака, со интегративците, оствариле успех досега невиден во планетрани рамки. Машала! Тоа можат да го остварат само посебно талентирани колекционери на неуспеси и празни препораки, кои Македонија смислено ја изолираат и оддалечуваат од Европа и светот. Зашто, колекционерите на неуспеси само во изолирана држава можат да владеат со арогантно самоволие и да спроведуваат партиска диктатура, завршува Глобус.

Република - Сонот за големи држави на Балканот е реалност

Инцидентот во Белград со беспилотното летало со исцртаната мапа на Голема Албанија и тепањето на албанските фудбалери од страна на дел од публиката без никаква интервенција на српските специјалци е насловната тема на Република, при што неделникот наведува дека „сонот за големи држави на Балканот е реалност“, па вели дека албанскиот национализам е одговор на српскиот и обратно, а дека „Албанија и Србија се разбираат само за Македонија“. Емотивните реакции на македонските Албанци во Скопје, Тетово и Струга, за успешната провокација со беспилотното летало во Белград авторот ја нарекува „искра“ која, како што пишува, „многу лесно можеше, а во иднина, за жал, ќе може уште полесно да се прошири и во Македонија“. Во исто време, колумнистот во Република потсетува на незгаснатите историски соништа и на Албанија и на Србија кон Македонија, поткрепувајќи го тоа со реакциите на Белград на албанските провокации, но заборавајќи да реагира кога на спортски натпревари со Македонија се вее грчкото знаме или се употребува кратенката ФИРОМ на телевизиските преноси.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG