Достапни линкови

Буџет 2015 - нови долгови или развој?


За СДСМ буџетот за 2015 ќе значи само нови долгови, а многу малку придобивки за граѓаните. Власта тврди дека буџетот ќе ги поддржува стопанството и стандардот.

СДСМ оценува дека буџетот за 2015 година во висина од три милијарди евра е преобемен и оти тоа значи дека македонската економија и граѓаните тешко ќе соберат пари да го наполнат. Кога нема доволно приходи се доведува во прашање реализацијата на расходните ставки, вели Марјанчо Николов од СДСМ, кој предвидува дека и овој буџет ќе се соочи со судбината на претходните буџети по извесно време да се направи ребаланс и притоа да има кратење на клучните ставки, а тоа се капиталните расходи.

И овој буџет ќе значи само нови долгови, а многу малку придобивки за граѓаните.
Марјанчо Николов, СДСМ.

Исто така, Николов предупреди дека во овој буџет владата проектира повторно висок дефицит од 3,5 проценти кој во суштина значи нови задолжување во ситуација кога проблемот со висината на јавниот долг станува сериозен.

Марјанчо Николов.
Марјанчо Николов.

„За жал и дел од овие нови долгови или дефицит, владата ќе го троши за реклами, за пропаганди, продолжува и со трошењето за административни згради коишто не носат додадена вредност, така да и овој буџет ќе значи само нови долгови, а многу малку придобивки за граѓаните“, вели Николов.

Планираното ниво на буџетскиот дефицит од 18 милијарди и 497 милиони денари е оптимално за сегашните состојби во коишто се наоѓа македонската економија.
Зоран Ставрески, министер за финансии.

Од СДСМ обвинија и дека малите и средни претпријатија во Македонија не се во агендата на актуелната власт и дека малку пари се превидуват и за енергетиката.

Предлогот пред пратениците го образложува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој рече дека Буџетот во наредната година и натаму ќе го поддржува стопанството и стандардот на граѓаните преку одвоените средства за капиталните инвестиции и преку зголемувањето на платите, пензиите и социјалните надоместоци.

„Планираното ниво на буџетскиот дефицит од 18 милијарди и 497 милиони денари е оптимално за сегашните состојби во коишто се наоѓа македонската економија. Македонија и натаму е земја со ниско до умерено ниво на задолженост и има фискален простор за реализација на капитални инфраструктурни проекти“, вели Ставрески.

Дел од економситите сметаат дека раст и развој на економијата и подобар живот за граѓаните и во 2015, нема да има. Владата, за 2015 најави капитални расходи над 21 милијарда денари. И за 2014 влада планираше над 21 милијарда капитално трошоци. Но реалноста е поинаква, смета професор Биљал Касами.

„Капиталните инвестиции ги орентираат, така да и тие се можеби понеразвојно ориентирани и понатаму се продолжува со инвестициите во проектот Скопје 2015, карактеризиран како најнеекономичен дел на трошење на јавните финансии.

Инаку приходите во државаната каса во 2015 година се проектирани на 163.280 милијарди, расходите на 181.777 милијарди денари, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. За капитални инвестиции предвидени се 21.209 милијарди денари.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG