Достапни линкови

Македонските судови ретко ја следат праксата на Судот во Стразбур


Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права.
Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права.

Поранешниот судија во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска вели дека дел од предложените амандами за менување на Уставот на Македонија, немаат врска со Ковенциското право, а македонските судови многу ретко во својата работа ја применуваат Конвенцијата и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Европската конвенција за човекови права претставува европски Устав. Македонија како земја потписничка во 1997 година, ја прифати Конвенцијата како дел од својот правен систем и со тоа се обврза донесените закони и норми да бидат во насока на Конвенцијата за ефикасно гарантирање и заштита на правата на сите општествени чинители. Поранешниот судија во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска вели дека дел од предложените амандами за менување на Уставот на Македонија, немаат врска со Ковенциското право, а македонските судови многу ретко во својата работа ја применуваат Конвенцијата и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Госпоѓо Цаца Николовска, дали предвидените уставни измени се во насока на Конвенциското право?

Во одреден дел уставните измени се во насока на Конвенциското право, особено во делот на она што значи супсидијарен принцип на примена на Европската конвенција, особено таму каде што редовните судови немаат своја надлежност. Меѓутоа, одредени делови од предложените уставни амандмани, немаат врска со Конвенциското право и дури мислам дека голмо прашање е дали се во согласност со меѓународните норми, особено во оној дел каде што се зборува за слободни економски зони и воспоставување на други системи, судови и органи кои што не се дел од постојниот и со Устав утврден судски систем.

Каква е вашата оценка околу тоа колку македонските судови ја применуваат практиката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур?

За жал мојата оценка е многу негативна, заради тоа што многу ретко директно се применува Конвенцијата. Иако Македонија е потписник од 1997 година и нејзината примена е овозможена и со претходното донесувањето на Уставот, кој согласно меѓународните договори треба директно да се применуваат, судските постапки како основа на која што судиите би се повикале, таквата пракса е многу ретка. Таму каде што е применета имам забележано дека постои проблем во несоодветно применување на Европската конвенција и несоодветно применување на праксата на Европскиот суд за човекови права. Сакам да потенцирам дека толкувањето на Конвенцијата за човековите права го врши само Европскиот суд и друго толкување не може да се примени во националните постапки. Тука постојат стандарди и примената на праксата на Судот мора да биде врзана за она што навистина значи пракса на Европскиот суд за човекови права, а не националните судови сами да ја толкуваат Конвенцијата.

Дали во моментов гледате оправданост и причина за менување на Уставот на Македонија?

Во одреден дел можеби треба да се воведе нов инструмент во однос на надлежноста на Уставниот суд по однос на другите права кои што се предвидени, а чија надлежност досега е селективна во однос на одредени права. Меѓутоа, начинот и времето не се одбрани најпогодно, особено заради тоа што од една страна гледам одредени проблеми во самите амандмани и сметам дека не се добро подготвени, како во текстуалниот дел, така и во образложението за таквите амандмани. Секако тука е и прашањето на отсуството на опозицијата. Во време кога владејачката гарнитура е свесна и знае дека опозицијата е надвор од Парламентот, носи вакви предлози и измени кои што се многу суштински и многу важни, и затоа тајмингот не одговара.

Дали уставните измени во практика ќе обезбедат повисоко ниво на заштита на човековите права?

Во еден одреден дел Конвенциското право може директно да се применува пред постапките во редовните судови, а во одреден дел треба да оди пред Уставниот суд. Меѓутоа, тоа разграничување во предложените амандмани не е направено соодветно и ќе создаде одредена конфузија и мислам дека ќе дојде до многу поголем застој, отколку во однос на тоа што досега се презентираше. Ние гледаме дека Уставниот суд има проблем во своето постапување по барањата за кои што сега е надлежен, а се во врска со човековите права и со Европската конвенција за човековите права. Судот не се справува баш успешно со тоа постапување што е резултат на повеќе проблеми на кои што беше укажано и на самата така наречена јавна расправа, ако воопшто имаше некаква јавна расправа на начин на која што требаше да се обезбеди.

Каде ги гледате причините за долгите судски спорови во националните судови, проблем на кој Европската Комисија повеќепати укажува во извештаите за напредокот на Македонија?

Долгите судски спорови се резултат на повеќе елементи и факт е дека постои и селективен пристап во брзината на решевањето на предметите. Факт е дека има и објективни пропусти во делот за достава, на која што со години наназад судиите укажуваат. Меѓутоа, факт е и дека сето тоа е обврска на државата и државата досега требаше да го разреши овој проблем и требаше да овозможи побрзо решавање на постапките и мислам дека во одреден дел таа брзина некаде се остварува, можеби не целосно, но сепак има некаков напредок што во секој случај не е доволно. Се повеќе и повеќе има предмети пред Врховниот суд на Македонија кој што се занимава со прашањата за прекумерната должина на судските постапки.

Како го оценувате нивото на дебата околу уставните измени, дали се вклучени сите неопхдни институции и интелектуалната јавност?

Јас паметам времиња кога јавните дебати околу уставите и промените биле многу поконструктивни и многу поефективно организирани од ова што сега се претставува. Како прво, времето на јавните дебати за менување на Уставот беше ограничено, а почнуваше да тече од временскиот период на летните одмори, што значи дека не беше возможно сите да се одржат. Што се однесува до квалитетот на тие дебати, исто така мисламе дека во одреден дел изостанаа, заради тоа што беа организирани самоиницијативно или на веќе организираните дебати немше можност да учествува секој што има познавање од уставно – првната материја или има познавање на делот кој што претставува одреден основ за промена на Уставот. Тие луѓе или не беа повикани или не можеле од други причини да разберат каде и ќе ги одржи тие дебати.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG