Достапни линкови

Просечна плата имаат само 100 илјади луѓе


Само 100 илјади луѓе во земјата земаат плата над 20 илјади денари, колку што е просечната плата во Македонија. Над 200 илјади луѓе земаат плата до 12 илјади денари, а од 12 до 15 илјади плата примаат повеќе од 100 илјади вработени.

Просечната плата во Македонија во јули изнесувала 21.350 денари, според последните податоци на Државниот завод за статистика. Но, во реалноста висината на платата на македонските работници е далеку пониска.

Платата не ми е зголемена многу одамна и од платата не сум задоволна, кога ќе ги исплатите сметките за вода, струја, телефони, не останува за другите потреби.
Анкетиран граѓанин.

Тоа го покажуваат и бројките на Државниот завод за статистика во публикацијата „Анкета за работната сила“ за минатата година. Во неа е наведено дека 273.246 лица земаат плата до 12 илјади денари. Од 12 до 15 илјади земаат 103.151 вработен. Додека над 20 илјади плата имаат само 108.595 лица.

Повеќето од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека не се задоволни од висината на нивната плата, бидејќи сумата не е доволна за покривање на сите трошоци.

„Апсурд е да кажеш дека се доволни 10, 15 или 20 илјади денари.За да преживееш во овие услови сега ти требаат најмалку 30 илјади денари.“

„Лично не сум задоволен од личниот доход, зошто трошоците се зголемуваат, а платата ни се намалува, тоа е целата работа.“

Разликата во имотноста на луѓето, имотни и сиромашни е зголемена, многу голема разлика има, значи колачот е нерамномерно распределен.
Марија Зарезанкова Потевска, универзитетски професор.

„Платата не ми е зголемена многу одамна и од платата не сум задоволна, кога ќе ги исплатите сметките за вода, струја, телефони, не останува за другите потреби.“

Професорката Марија Зарезанкова Потевска вели дека факт е оти поголемиот дел од вработените во земјата земаат помала плата од просечната и тешко може да се помине месецот и со просечна плата.

„Ако стане збор за школување, за лекување, особено некои потешки лекувања, или да се купува стан, односно поголеми инвестиции, мислам дека е невозможно да се живее со таа плата и мислам дека и за еден пристоен живот е тешко, но ете можат да се задоволант минимално потребите на населението од таа плата“, вели Зарезанкова Потевска.

Таа додава дека минималната плата не треба да биде под 200 евра, а од друга страна просечната би требало да биде 500 евра за да се покријат трошоците под услов да нема инфлација и обезвреднување на парите.

„Разликата во имотноста на луѓето, имотни и сиромашни е зголемена, многу голема разлика има, значи колачот е нерамномерно распределен, но тоа е капиталистичкиот начин на работење во којшто ние се наоѓаме“, додава Зарезанкова Потевска.

Синдикалната минимална кошница во август оваа година изнесува околу 500 евра. Во не влегуваат исхраната и пијалоци, домување, хигиена, превоз како и облека и обувки, култура и одржување на здравје. Минималната плата пак во Македонија изнесува 8.050 денари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG