Достапни линкови

Охридски административци „под казна“ во Косел?


Седница на Совет на Општина Охрид.
Седница на Совет на Општина Охрид.

СДСМ - Охрид ја критикува власта поради испраќањето на вработени во Општината на работа во селото Косел. Власта вели дека СДСМ само критикува, а тие луѓе биле распределени според закон.

Вработените во Општина Охрид кои пред повеќе од 9 месеци незаконски, непрофесионално и непотребно беа преместени да работат во селото Косел, не добиле пари за патувањето до новото работно место, односно не им се покриени патните трошоци, реагираат од СДСМ Охрид.

Поради ваквото поигрување од општинската власт и градоначалникот, овие вработени секојдневно трпат малтретирања и понижувања од страна на општинската администрација.
Александар Кузески, СДСМ-Охрид.

Александар Кузески, портпарол на охридските социјалдемократи, вели дека овие луѓе биле задолжени да седат во објект на поранешна општина Косел без конкретни работни задачи и оти немале никакви услови за работа.

Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

„Поради ваквото поигрување од општинската власт и градоначалникот, овие вработени секојдневно трпат малтретирања и понижувања од страна на општинската администрација. Од општина Охрид во Косел се префрлени стручни работници, од одделението за соработка со меѓународни организации, одделението за збратимени градови, екологија и неколку возачи. Факт е дека од почетокот до денес нема ротација на вработените, очигледно тие што се пуштени во Косел се со некоја намера. Овој проект е тотално неуспешен“, вели Кузески.

За останатите 6 вработени ќе ги анализираме извештаите од сработеното и после анализата за сработеното во изминатиот период, уште еднаш ќе ја разгледаме оправданоста од новната ангажираност во таа општинска зграда.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

Оправдувањата за префрлувањата се наводни средби со граѓани, но за какви средби со жителите на Косел станува збор, кога до сега не е одржана ниту една средба со нив велат од СДСМ.

Од Општина Охрид, пак, велат дека од СДСМ не се во состојба јавно да ги поддржат политиките на градоначалникот и на здодевен начин постојано критикуваат за вработени луѓе, кои примаат редовно плата и нив ги прикажуваат како некакви жртви за кои наводно оваа партија се грижи.

„Знаеме дека од СДСМ Охрид мора да ја одработат агендата која им е наметната од Скопје и според која мора да се активни и да ја напаѓаат власта во градот, но во ситуација кога локаланта власт работи по закон, транспарентно, одговорно и отчетно пред граѓаните, оваа партија нема што да критикува, па бара проблеми онаму каде ги нема“, велат од Општина Охрид.

Градоначалникот, Бакрачески на последната седница на Советот на општината пред неколку дена, на советничко прашање каква ќе биде судбината на шесте вработени во Косел, рече дека одделението во Косел било формирано со цел сервисот на граѓаните кои живеат во тој дел да биде поквалитетен.

„Тоа е единствената цел зошто неколку извршители беа испратени на ново работно место, односно во зградата на поранешната Општина Косел. Дел од нив се вратени, дел се ротирани. За останатите 6 вработени ќе ги анализираме извештаите од сработеното и после анализата за сработеното во изминатиот период, уште еднаш ќе ја разгледаме оправданоста од новната ангажираност во таа општинска зграда и ќе донесеме конечна одлука дали ќе бидат вработени во општинската зграда во центар“, рече Бакрачески.

XS
SM
MD
LG