Достапни линкови

Симон Трпчески со нов албум и серија концерти низ Европа


Симон Трпчески и Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар под диригентство на маестро Василиј Петренко, деновиве за издавачката куќа „Оникс“, го објавија својот трет албум на кој се поместени нивните изведби на Концертите за пијано и оркестар број 1 и број 2 од легендарниот Петар Илич Чајковски. Носачот на звук се појавува во периодот кога македонскиот пијанист ги полни салите на својата нова европска турнеја во рамките на која вечерва, на 18 септември, на својот 35 роденден, настапува повторно во Москва со Рускиот национален оркестар.

Концертите за пијано и оркестар број 1 и бро 2 од Петар Илич Чајковски е третото од серијата заеднички изданија на македонскиот пијанистички виртуоз Симон Трпчески, маестро Василиј Петренско и прочуениот Кралски ливерпулски филхармониски оркестар со кој тој раководи од 2006 година. Албумот се појави деновиве за издавачката етикета „Оникс“ и тој ја заокружува зачната соработка во рамките на која најнапред беа промовирани снимките со изведбите на делата Сергеј Рахмањинов напишани за пијано и оркестар.

Навистина сметам дека ние вложивме многу труд и љубов и таа емоционална димензија може да се почувствува на цедето, барем јас се надевам дека слушателите ќе можат да ја почувствуваат и нормално ги очекувам нивните реакции есенва.
Симон Трпчески, пијанист.

„Се работи за концертите број 1 и број 2 на Петар Илич Чајковски што ги снимив заедно со Петренко и Ливерпулскиот филхармониски оркестар за издавачот „Оникс“. Мислам дека одговорноста е исклучително голема кога се работи за снимање на едно толку популарно дело какво што е Првиот концерт на Чајковски, додека Вториот е помалку изведуван, но не и помалку вреден. Навистина сметам дека ние вложивме многу труд и љубов и таа емоционална димензија може да се почувствува на цедето, барем јас се надевам дека слушателите ќе можат да ја почувствуваат и нормално ги очекувам нивните реакции есенва“, вели Трпчески.

Мислам дека одговорноста е исклучително голема кога се работи за снимање на едно толку популарно дело какво што е Првиот концерт на Чајковски, додека Вториот е помалку изведуван, но не и помалку вреден.
Симон Трпчески, пијанист.

Од друга страна, она што е особено значајно е што тој поради набиената концертна агенда и нема многу време за прославување на ваквата пројава. Имено македонскиот пијанист од светски глас новата концертна сезона означена на средината на минатиот месец ја започна силовито со настапи по Европа на кои континуирано беше наградуван со стоечки овации од публиката. Како солист на Младинскиот оркестар на Европската унија, Трпчески токму под диригентската палка на Русинот Петренко музицираше во Италија, Австрија и Холандија, а концертот во салата „Концертгебау“ во Амстердам беше само еден од тие кои директно беа пренесувани на интернет.

Големиот интерес да се проследи некоја од изведбите на нашиот виртуоз резултираше и со преноси со слика и звук од отворањето на сезоната на Филхармонискиот оркестар на Осло во норвешката престолнина, како и на првиот од концертите на Трпчески со Рускиот национален оркестар под диригентската палка на легендарниот Михаил Плетњев во прочуената сала „Чајковски“ во Москва на Денот на македонската независност.

И, само десет дена подоцна, но овој пат на 18 септември на својот 35-ти роденден, во истата сала и со истиот оркестар, но сега под раководство на маестро Кирил Карабиц од Украина, Симон Трпчески на московјани ќе им ја дари изведбата и сопственото доживување на Концертот број 3 за пијано и оркестар на славниот композитор, пијанист и диригент Сергеј Прокофјев.

Кон ова само уште информацијата дека серијата на концерти на македонскиот уметник по Европа ќе продолжи до крајот на ноември. Во нејзини рамки со оркестарски и камерни настапи Трпески го очекуваат во Шпанија ( Ла Коруња и Барселона), Ирска (Белфаст), Италија (Торино), Франција (Стразбур), Велика Британија (Лондон и Бирминген) и повторно Холандија (Амстердам). Веднаш потоа, до средината на декември, Трпчески наново ќе патува од онаа страна на Атлантикот каде е предвидено да одржи неколку рецитали и концерти во САД и во Канада.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG