Достапни линкови

Неделен печат - фатаморгана, душевна болка и историја


Глобус пишува дека власта постојано измислува работи за да не се гледаат пожарите во Македонија, Фокус ја анализира медицинската состојба на владините функционери, а Република пишува за непознавањето на историјата.

За древната мудрост „Село гори, баба се чешла“, пишува во Глобус авторот на колумната „Таленти“ во која ја повторува познатата вистина дека власта постојано измислува работи за да не се гледаат пожарите во Македонија. А премиерот наместо за пожарите популистички се грижи за себе, за рејтингот, се „зачешлува“ пред огледало, пишува авторот.

Мегаломанскиот судски процес против лидерот на опозицијата, беше обид да се сврти вниманието од сиромаштијата, а „зачешлувањето“ требаше да ги спречи граѓаните да видат дека власта смислено, свесно и упорно, 24/7 ја оддалечува државата од ЕУ и НАТО.
Глобус.

Глобус - Земјата гори, власта се чешла

Мегаломанскиот судски процес против лидерот на опозицијата, беше обид да се сврти вниманието од сиромаштијата, а „зачешлувањето“ требаше да ги спречи граѓаните да видат дека власта смислено, свесно и упорно, 24/7 ја оддалечува државата од ЕУ и НАТО. Не случајно Самитот на НАТО, на кој Македонија пак не стана членка, беше во сенка на судењето за клевета. И требаше да се забошотат заклучоците од Берлин, кои обврзуваат на демократија, почитување права и слободи, независно судство... и итно решавање на прашањето за името со компромис, да не се чуе предупредувањето на новата шефица на дипломатијата на ЕУ дека ако не се реши името се заканува внатрешна дестабилизација. Овие изјави не ја засегаат власта, таа продолжува да се „зачешлува“, да се кити со нови фасади, споменици, а на крај самата може да изгори во клетвите на сиромаштијата и тогаш нарцисоидното „чешлање“ ќе биде срамотна историја, и за селото и за бабата, завршува колумнистот во Глобус.

Судски процес Груевски против Заев.
Судски процес Груевски против Заев.

Фокус - Заболени од душевна болка, а оперирани од одговорност!?

Фокус ја анализира медицинската состојба на владините функционери за во насловот да праша со чудење: „Заболени од душевна болка, а оперирани од одговорност!?“ Па наведува дека премиерот Груевски, првиот човек на УБК, Мијалков и министерките Јанкулоска и Канчевска-Милеска, освен тоа што со години се актуелни владини претставници, имаат и заедничка „хронична болест“. Сите се жалат, пишува Фокус, на тешка душевна болка предизвикана од политичките опоненти. „Поради нив не спиеле, не јаделе, се срамеле. Па, така, останува нејасно, како така ненаспани, ненајадени и растревожени ја водат државата, и тоа 24/7!?“- иронизира Фокус.

Камата и пиштолот со кои убивал Ќосето се симболите на македонската борба кои денес не постојат, ама постоеле предавници и одродени на кои ќе им суди божјата правда, завршува авторот на уводникот во Република.
Република.

Република - Споменикот на Ќосето

Република во својот уводник пишува за непознавањето на историјата и за нејзиното плукање од страна на многу денешни Македонци, како што напишал авторот. Повод е споменикот на досега малку познатиот Андон Ќосето, комита кој во време на Илинденското востание убивал и по нарачка за слободата на Македонија, како што пишува неделникот. Авторот на уводникот ја обвинува „групата опозициски труби“, како што ги нарекува, дека не покажуваат почит ниту кон својот народ ниту кон своите претци и ги потсетува „интелектуалците“ дека камата и пиштолот со кои убивал Ќосето се симболите на македонската борба кои денес не постојат, ама постоеле предавници и одродени на кои ќе им суди божјата правда, завршува авторот на уводникот во Република.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG