Достапни линкови

Лустрацијата и младинските колумни, најкоментирани


Претседател на Комисија за верификација на факти Томе Аџиев
Претседател на Комисија за верификација на факти Томе Аџиев

Интервјуто со претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев и он-лајн колумните на лидерите на партиските подмладоци се најкоментирани содржини.

Многу коментари, почитувани, сте испратиле по нашето неделно интервју со претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев,на Фејсбук страницата на Радио Слободна Европа. И реагирате токму на оној дел од интервјуто каде што тој вели дека сегашните носители на јавни функции се релативно млади и не можеле да учествуваат во процесите кои се предмет на разгледување на Комисијата.

А колку години треба да имаат за да бидат лустрирани? Они можат и да почекаат.
Коментар на читател.

Јордан Петровски напишал дека тоа не е точно и дека голем дел од актуелните функционери на ДПМНЕ се учесници на средношколските протести во 90-те години по, како што смета, директива на Белград, затоа што на Србија не ѝ одговарало во Македонија да им се дадат толку големи права на Албанците кои потоа требало да ги примени на Косово.

Весна Иванова со иронија напишала: „Имаш право, не се. Тие се корумпирани битанги, дилери и издајници!“ Маре Тепевска смета дека: „Овој дефинитивно ќе го стигне божја казна“, а Драгица Лазар Манева прашува: „А колку години треба да имаат за да бидат лустрирани? Они можат и да почекаат“. Ване Николов, покрај другото, искоментирал: „Пола администрација ни се терористи, а вие бркате духови, па дури и мртвите ги лустрирате. Срамота! ... Смешни сте, само земате народни пари...“

Нема шанси некој да добие спор против кого и да е од власта или негов миленик.
Коментар на читател.

Владимир Нелоски, првиот младинец на ВМРО-ДПМНЕ во младинската он-лајн колумна на нашево Радио пишува по повод 8 Септември, а Сашо Димитриески прашува: „Овој клинецов, зар од ВМРО е... “ Петар Јончески му оддава почит на првиот претседател Киро Глигоров, за кого вели дека ако тој не го убедел ДПМНЕ сега можеби ќе сме биле в гроб, а „денешниве Бугари“, вели, „којзнае каде ќе нè одведат“.

На текстот, пак, од Стефан Богоев од Социјалдемократската младина на Македонија, кој ја обвинува владејачката партија дека ја предизвикала „белата чума“ во државава, на Фејсбук реагира Тина Поп-Христова, која го поттикнува Стефан да продолжи со својата активност, но да погледне и во својата партија каде што, напишала, „постои непотизам и веќе 20 години ги лажете луѓето кои нема веќе да гласаат за вас, иако јас сум член од првите денови на СДСМ... “

Во врска со информацијата за сведочењето на газда Нини во корист на премиерот на судскиот процес Груевски против Заев, на нашата веб-страница Перо потсетува дека одамна веќе напишал дека „нема шанси некој да добие спор против кого и да е од власта или негов миленик“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG