Достапни линкови

Неделниците ја анализираат Берлинската конференција


Фокус смета дека Меркел го спречува Груевски да ја саботира европската агенда, Република дека на конференцијата во Берлин е побарано опозицијата да се врати во Собранието, а Глобус дека биле повторени забелешките за Македонија.

Различни уредувачки политики, различни пристапи кон одредена тема.

Берлин станува сериозен камен околу вратот на македонскиот премиер. Сега лично Меркел будно ќе го набљудува правецот на движење и нема да дозволи Македонија да испадне од европските шини. Попрво Груевски ќе заврши на слеп политички колосек!
Фокус.

Фокус - Меркел го спречува Груевски да ја саботира европската агенда

Во плурална демократија опозицијата треба да ја игра својата улога во парламентарни рамки и мора да сака да го направи тоа.
Република.

Тоа особено се забележува во најновите изданија на домашните неделни магазини, во анализите за „Постберлинска Македонија“, како што насловува Фокус. Според неделникот, по интонацијата на извештаите на провладините медиуми јасно се гледала намерата на премиерот да се фати за сламка во Берлин, преку која ќе ја спинува перцепцијата во домашната јавност за внатрешно-политичката криза и да ја искористи дури и Берлинската конференција за да ја обвини опозицијата за застојот во Македонија во неговото божемно безалтернативно и посветено патување кон Брисел. Тезата на неделникот е дека „Меркел го спречува Груевски да ја саботира европската агенда“ и дека наместо црвен картон за Македонија во Брисел во октомври, Груевски во Берлин „сега доби жолт картон и зелено светло да ги решава преостанатите проблеми, а не, како досега, да бара алиби и виновници зошто не се решени. Оттаму, Берлин станува сериозен камен околу вратот на македонскиот премиер. Сега лично Меркел будно ќе го набљудува правецот на движење и нема да дозволи Македонија да испадне од европските шини. Попрво Груевски ќе заврши на слеп политички колосек!“ - предвидува авторот на анализата во Фокус.

Република - Јасни пораки и нејасни толкувања

И Република пишува за „Јасни пораки и нејасни толкувања“, за тоа дека „пораката од Берлин до политичките фактори во земјава беше јасна - местото на опозицијата е во Собранието“. Република одговорноста ја става врз СДСМ и Заев, ако не ја сфателе пораката од Берлинската декларација дека, како што овој неделник цитира една од точките на документот, „во плурална демократија опозицијата треба да ја игра својата улога во парламентарни рамки и мора да сака да го направи тоа“. За на крајот да заклучи дека било крајно време раководството на СДСМ да почне да се однесува поодговорно ако сакало во иднина повторно некој да го сфати сериозно и надвор од земјава, но и нејзините граѓани. Во спротивно, предвидува и Република, „најавената ’жешка есен‘ може да се претвори во вистински потоп што ќе го однесе СДСМ од политичката сцена во земјава“.

Глобус - Понављач

И колумната „Таленти“ во Глобус, жаргонски насловена како Понављач ги анализира Берлинската конференција и изјавите на премиерот Груевски и интонацијата на провладините медиуми во извештаите. Авторот смета дека „реномето на талентиран, хроничен и безнадежен повторувач лидерот на Македонија го потврди веднаш по средбата во Берлин. Или не внимавал доволно или му биле здодевни повторно да ги слуша истите лекции за демократијата, слободата на медиумите, независното судство, па по средбата изјави дека прашањето за името било единствената тема поврзана со Македонија“, лоцирајќи ја вината само во Атина. „Сите задачи на понављачот во изминатите години му беа повторувани неброено пати, ама ни по конференцијата во Берлин не покажува намера да се зафати со нивно решавање. Веднаш ги заборави, исто како и компромисот. Може ли да се случи непоправливите понављачи да бидат исклучени од училиште, а вагонот кој ја кочи европската композиција да биде ставен на слеп колосек?“, завршува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG