Достапни линкови

Германско водство на Западен Балкан


Денешната конференција на лидерите на земјите од Западен Балкан во Берлин, според аналитичарите, е сигнал дека Германија ја презема водечката улога во промоцијата на европската интеграција на Балканот. Тоа особено, ако се имаат предвид актуелните кризи во Украина и на Блискиот Исток.

Конференцијата има за цел да стави јасно до знаење дека сакаме меѓусебно да се поддржуваме и заеднички да гледаме во иднината, оцени германската канцеларка Ангела Меркел која е организатор на денешниот состанок во Берлин посветен на Западен Балкан.

Имајќи предвид дека повеќето земји, Србија, Косово, Македонија и Босна и Херцеговина имаат многу специфични прашања што треба да ги решат пред да влезат во Унијата, верувам дека тоа бара силно лидерство во тој процес. Единствена земја која има такво влијание е Германија.
Драган Поповиќ, извршен директор на Центарот за политика во Белград.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека регионот е ставен во фокусот за да се покренат иницијативи за натамошен позитивен развој на балканските земји во светлината на актуелните меѓународни кризи во европското соседство.

„Најновиот развој на ситуацијата во Украина ја нагласи важноста за одговорна и упорна акција на Европската унија во нејзиното соседство“, смета Корина Стратулат, политички аналитичар од Брисел.

Според неа, иницијативата на Меркел е конзистентна со клучната улога што Германија ја презеде во изминативе години околу проширувањето на Унијата.

„Конференцијата ќе испрати силна порака до европските институции во Брисел и до владите на земјите членки на Европската унија дека постои силна политичка волја во Западен Балкан за надминување на недоразбирањата од минатото и за градење на заедничката иднина“, вели Улрике Луначек, пратничка во Европскиот парламент.

Со слично очекување е и Франц Лотар Алтман, поранешен директор за Балканот во Институтот за меѓународни и безбедносни прашања во Берлин.

„Оваа конференција е закажана порано, но во меѓувреме доби во значење, имајќи ги предвид настаните во балканското опкружување. Целта на собирот е да се отстранат сите сомнежи во приврзаноста на Европската унија за европската перспектива на Балканот. Во некои балкански земји во последно време се појави евроскептицизам, односно дека овој процес трае предолго и оти условите стануваат се поостри“, вели Алтман за Радио Слободна Европа.

Дел од аналитичарите во регионот сметаат дека конференцијата е шанса јасно да се дефинираат предусловите на секоја земја за нејзина побрза интеграција во Европската унија.

„Имајќи предвид дека повеќето земји, Србија, Косово, Македонија и Босна и Херцеговина имаат многу специфични прашања што треба да ги решат пред да влезат во Унијата, верувам дека тоа бара силно лидерство во тој процес. Единствена земја која има такво влијание е Германија“, вели Драган Поповиќ, извршен директор на Центарот за политика во Белград.

За Алберт Ракипи, екс заменик шеф на албанската дипломатија, германската иницијатива доаѓа во вистинско време за да се зацврсти регионалната соработка. Сепак, на неа, како што вели, не треба да се гледа како на некаков Маршалов план за Балканот.

„Маршаловиот план за Балканот останува во рацете на балканските народи“, заклучува тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG